Општината Василево потпиша договор за асфалтирање на две нови улици
Градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов потпиша договор за изградба на две улици во општина Василево, по една во населените места Василево и Владевци. Средствата за изградба на овие улици се обезбедени преку Министерството за финансии, како грант од Светска банка.
„Се работи за улица во населено место Василево односно од центарот на Василево до хотелот Мис Стон со должина од околу 660 метри, со ширина од 5,5 метри и по 1,5 метар пешачка патека од двете страни. Улицата ќе биде со атмосферска канализација. Потпишавме договор и за иградба на улица во Владевци, која е во должина од околу 240 метри, ширина од околу 4 метри и банкини од двете страни по половина метар. Заради конфигурацијата на теренот и премостување на атмосферскиот канал таму ќе се гради и еден армирано бетонски пропуст. И оваа улица е со атмосферско одводнување“, изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов.
Висината на грантот изнесува околу 260 000 евра, но како што појасни Стојанов со овие средства треба да биде изграден и еден крак од фекалната канализација во Ангелци, проект за кој општината допрва треба да потпише договор со Министерството за финансии.
Градежните активности на двете улици треба да започнат во почетокот и средината на месец јуни и комплетно да бидат завршени во текот на оваа градежна сезона.
Изведувач на работите е градежната компанија Гранит.