Коментар на Ристо Ѓоргиев : Дејвид Камерон – самоубиец од заседа
Неколку дена по сега веќе историскиот референдум за излегување на Велика Британија од Европската Унија не стивнуваат критиките на сметка на Дејвид Камерон. Лидерот на британските конзервативци се коцкаше и епохално изгуби.
Дејвид Камерон – интересна е неговата приказна. Дојде на чело на британските конзервативци во 2005 година, и наследи анемична и поделена партија. Успеа да ја консолидира и во 2010 да ги победи лабуристите за конечно по 20 години да ги донесе конзервативците на власт.
Но и по ваквиот успех, за Камерон најголемите проблеми доаѓаа од неговите сопартијци. Конзервативците се познати по својата евро-скептична фракција која со години се обидуваше да ја оддалечи Британија од Европската Унија. Па така на почетокот на 2011 година, за да ги смири се поголемите тензии во својата партија вети дека не само што ќе се обиде да обезбеди посебен статус на Британија во Унијата, туку ќе дозволи и референдум по ова прашање.
Овој политички потег му купи време и привремено обединување на партијата што му обезбеди мирно владеење во наредните неколку години. Но, ваквото хазардерство полека почна да му се враќа. Евро-скептиците останаа доследни на своите барања и се повеќе го притискаа Камерон во текот на 2013 и 2014, на што тој мораше да одговори со закажување на ветениот референдум.
Следуваше успешен период за Камерон, посебно во 2015 година кога на парламентарните избори на сечие изненадување конзервативците однесоа убедлива победа. Следуваше и референдумот за Шкотска независност, кој Камерон повторно успеа лесно да го преживее.
Се индицираше дека неговото политичко хазардерство и коцкање лесно ќе се исплати. Иако вети референдум за отцепување од ЕУ, тој никогаш вистински не веруваше во нејзино напуштање. Како премиер се повеќе и повеќе беше уверен дека местото на Британија е во ЕУ. На година пред референдумот, тој започна силна кампања по земјите членки со што би добил подобар договор од ЕУ за својата земја, т.е „специјален статус“ и така би го спречил кобниот референдум.
Проблемот, сепак е фактот што Британија веќе има специјален статус во ЕУ и е една од ретките земји која често ги одбира „opt out” опциите, останувајќи надвор од голем дел ЕУ регулативите и договори. Неговата кампања во најмала рака беше залудна, земјите членки покажаа решеност на Британија да не и се даваат повеќе привилегии.
Оставен пред свршен чин, обидувајќи се да ја задржи власта пред се во својата партија, Камерон мораше да го одржи своето ветување за референдум. На негово изненадување, во неговата партија поделеноста беше доста видлива. Работите дополнително се влошија по поддршката на поранешниот лондонски градоначалник Борис Џонсон на кампањата за напуштање на ЕУ. Харизматичниот популист Џонсон, со тоа внатрепартиски го предизвика Камерон на дуел.
Но, и покрај ваквиот развој на настаните Камерон остана уверен дека никој не е толку луд за да изгласа излегување од ЕУ. Млаката кампања која се водеше за останување, укажуваше на големата сигурност дека Британија ќе остане во ЕУ, а Камерон уште повеќе ќе ја зацврсти својата позиција. Тој постојано повторуваше дека би било самоубиство да се напушти унијата, а неговите позиции беа константно зацврстувани со поддршката на многу експерти, институции и политичари.
Камерон, многу лежерно гледаше на токсичната и лажна кампања на Џонсон и Фараџ, двајца популисти кои неосновано, со измислени податоци и речиси никаков план што потоа, фрлаа отровни стрели кон Унијата. Камерон веруваше во мудроста на народот да ја донесе вистинската одлука.
Но, Камерон падна во заседата која ја постави за своите противници. Човекот кој вети дека ќе ја обедини прво својата партија а подоцна цела држава, стави се на победа на референдумот, и епохално изгуби.
На ден по референдумот, Камерон излезе да поднесе оставка и вети дека нема да биде човекот кој ќе ја води Британија надвор од ЕУ, туку тоа ќе го остави на својот наследник. Уште еден очаен потег со цел да се реши со своите внатрепартиски противници. Засега, половично успешно затоа што вчера Борис Џонсон се повлече од трката за лидер на конзервативците. Но, тоа нема да го оправда неразумно коцкање на Камерон со иднината на својата земја за зголемување на својата лична моќ.
Иако на политичката сцена дојде како млад, харизматичен и енергичен политичар кој ветува, Камерон се покажа како еден од најлошите премиери кои Британија некогаш ги имала. Успеа својата земја да донесе на работ на излегување од Европсаката Унија, да ја остави својата партија во хаос, сериозно да ја разниша економијата на својата земја и да ја подели својата држава. Ја доведе Британија на сериозен крстопат и можно распаѓање, Шкотска и Северна Ирска пред напуштање на унијата со Англија, а фунтата на најниско ниво по 1985 година.
Камерон, наместо напреден конзервативец се покажа како коцкар –популист, кој својата желба за поголема моќ ја стави пред интересите на својата земја. Камерон исто така покажа дека новиот бран на политичари кои глумат големи демократи со свикување референдуми за прашања за кои народот или е малку или воопшто не е информиран, се само политички воајери кои одбегнуваат да признаат вина за своите промашени политички игри. Дејвид успеа да направи заседа за своите противници, па сам да влезе во неа и да се самоубие, а во тој процес да и изгуби милијарди евра на својата држава.
Да се надеваме дека ова ќе послужи како лекција на многу европски популисти и екстремни десничари кои глумејќи народни херои ги влечат своите држави кон бездната.