70 години посветени на образованието-СОУУД ,,Димитар Влахов,,
СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица годинава прославува седумдесет години постоење. Седумдецениското опстојување, означува период на една голема зрелост во едуцирање кадри од земјоделско-ветеринарна, хемиско-технолошка и здравствена струка. Денес училиштето прерасна во институција во која, знаењето и неговата практична примена, се највисоките постулати. Големиот број државни и меѓународни награди, признанијата за училиште со најдобра уписна политика во државата, признанието Еко-училиште со заслужено зелено знаме како едно од трите најчисти и најбезбедни училишта во државата, се силен мотив кој ги води вработените напред кон нови успеси.
По повод седумдесетгодишниот јубилеј на СОУУД „Димитар Влахов“ беше изготвена монографија со наслов „70 години посветеност во образованието“, коавторски труд на: м-р Софија Тренчовска, Јасмина Ангова, Бранка Ристова, Олга Хаџиева, Маре Караристова, м-р Ана Витанова Рингачева и Даниела Пејева Митева. Развојот на струките и профилите низ годините, воннаставните активности, проектите, едукацијата, соработката со заедницата, освоените награди и признанија, се активности кои одат во прилог на издигнување на училиштето на нивото на кое денес опстојува. Mонографијата не е само историја, на нејзините страници е раскажана една успешна приказна во која мисијата е предизвик за сегашноста, а визијата инспирација за иднината.