Викарен Епископ Јаков Стобиски-Ние единствено се плашиме да останеме во темнината на овој свет, сами, без Него, а Тој ни се дава единствено во Црквата на Светата Литургија.

Нема Богопознание, драги мои, надвор од Црквата и од нејзината Света Литургија. Не смееме да се залажуваме дека независно од Црквата и надвор од неа, само во своите домови, можеме да водиме побожен живот. Затоа, секој што не доаѓа на светите собранија кога Лебот го прекршуваме, не може да Го познае Христос. Како да му објасниме на овој свет дека нема нешто што во овој свет може да нѐ исплаши, па дури и самата смрт!? Ние единствено се плашиме да останеме во темнината на овој свет, сами, без Него, а Тој ни се дава единствено во Црквата на Светата Литургија, која за нас не е само емотивно сеќавање на крсните страдања, смртта и воскресението на нашиот Господ. Тоа можеме да го правиме и во своите домови. Секоја Света Литургија за нас е истата случка и истото доживување што го имале Лука и Клеопа во куќата покрај патот за Емаус. Ништо не можело да им го надомести присуството Христово на овие двајца апостоли, ниту тоа што некои жени од нивните биле рано на гробот на кои ангели им кажале дека Тој е жив, ниту тоа што некои од апостолите биле самите и се увериле дека гробот е празен. Тоа кај нив ништо не променило. Тие чекореле по патот нажалени сѐ до прекршувањето на лебот, сѐ до нивното лично учество во Литургијата на Воскреснатиот Христос. Нема релативизирање на Светата Литургија и online замена. Категорично одбивам да ми соопштат и да ме уверуваат некои што биле и што го виделе празниот гроб, па макар и ангели да им објавиле. Јас ќе чекорам натажен како Лука и Клеопа сѐ додека самиот не појдам и не се уверам, и додека Самиот Тој не ми се даде. Не како било, и не каде било, туку на Светата Литургија на Црквата Негова. Само тогаш мојата жалост ќе се претвори во радост и ќе биде полна. Затоа ви велам дека оној што не ја разбира Светата Литургија и ја релативизира на каков било начин, тој ниту ја разбира Црквата, ниту има претстава што направил Христос за него; за жал, токму во овие тешки услови за сите нас и се уверивме во тоа. Држете се за Светата Литургија по секоја цена, бидејќи надвор од Светата Литургија нема познание на Бог, надвор од Светата Литургија нема Црква, надвор од Светата Литургија нема духовен живот, надвор од Светата Литургија нема светост, надвор од Светата Литургија не можеме да бидеме добри луѓе, надвор од Светата Литургија нема Воскресение, надвор од Светата Литургија нема Велигден, надвор од Светата Литургија нема живот, надвор од Светата Литургија, колку и да ве лаже некој, нема безбедна зона од болестите и од смртта. Ви напишав непосредно пред Пасхалната ноќ да не се плаши срцето ваше – ние сме Христови, Христос е наш. Нашата иднина е светлината на Воскресението и Царството Небесно, но попат мораме да застанеме на својата лична голгота, да се распнеме, да умреме и да се погребаме со Оној Кој нѐ предупреди дека ќе имаме многу жалости во светот. Единствено на крстот се учиме на последното совршенство, љубовта кон непријателите. Затоа и ви напишав дека ќе се молам во вашите срца да остане само Невечерната светлина на Воскресението и љубовта, по тоа ќе нѐ познае овој свет дека сме Христови и дека Христос ја победи смртта и дека нема смрт. Не грижете се и оставете ги нека зборуваат дека сме безумни и примитивни. Тоа не е ново карактеризирање на христијаните. Тоа е така бидејќи ние, едноставно, не се плашиме од смртта, зашто знаеме дека жив е нашиот Бог и ние живи ќе бидеме. Светот не може, т.е не сака да ја прими таа вистина, и никогаш нема да ја прими, до крајот на векот. Но, ние сме должни со цврстината на нашата вера и со надежта во Воскресението да го љубиме овој свет и да се молиме за него на секоја Света Литургија, бидејќи Бог го создал, и да му ја објавуваме нашата радост додека Тој повторно не дојде.

Напишете коментар