„ПОРАКА“ и учениците од ООУ „Видое Подгорец“ ја реализираа заедничката активност „Ја постигнавме нашата цел, од сите акции сме дел”

Во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ од Струмица беше реализирана завршната заедничка активност помеѓу учениците од ова училиште и центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ насловена „Ја постигнавме нашата цел, од сите акции сме дел”.
Во изминатиот период беа реализирани неколку едукативно-ликовни работилници во кои децата секое според своите можности со еко бои и четка, твореа и создадоа дела со кои беше уреден дел од холот во училиштето, а дел ќе бидат изложени вечерва во домот на АРМ. Изработените дела ќе бидат спомен за прекрасно поминатото време и стекнатите пријателства, но и ќе претставуваат поттик за продолжување на соработката и заедничкото творење. Во чест на 3-ти Декември Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби за присутните беше изведена куса приредба подготвена од учениците од шесто одделение со една порака – да го сочуваме доброто во срцата на децата.
Инаку, центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ вечерва со почеток во 18 часот во големата сала на домот на АРМ организира хуманитарна изложба по повод одбележувањето на 3-ти декември – меѓународниот ден на лицата со попреченост. На хуманитарната изложба ќе бидат претставени креации од серијата креативни работилници кои овој центар ги реализираше од јули 2015 година заедно со членови на младински организации и ученици од средните и основните општински училишта од Струмица. Овие работилници беа дел од проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“, кој се реализираше во партнерство со здружение за млади „АДОЛУС“ од Струмица, а финансиски овозможен од општина Струмица. Присутните гости на изложбата, за симболична сума, ќе можат да ги купуваат ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на „ПОРАКА“ со потребните дидактички материјали за работа.

Напишете коментар