Од 25 до 28 април ќе се одржи последната обука на проектот „Бизнис мрежа С-К-К“

Во рамките на реализацијата на проектот „Бизнис Мрежа С-К-К“, финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007-2013, во периодот од 25 до 28 април во хотелот „Сириус“ во Струмица ќе се одржи четиридневна обука на тема „Косме и Хоризонт 2020”. Свое обраќање на почетокот на обуката ќе има и вршителот на должноста градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Главната цел на оваа обука е детална анализа и разработка на двете програми – Косме и Хоризонт 2020, како дел од финансиската рамка 2014 – 2020.
Обуката „Косме и Хоризонт 2020” овозможува подетално разбирање на најважните можности за финансирање и механизми кои ги нудат истоимените програми. Имено, во делот на финансиската рамка 2014-2020, ЕУ има предвидено голем број програми во функција на зајакнување на конкурентноста и одржливоста на претпријатијата, поттикнување на претприемачката култура и развој на малите и средни претпријатија, како и олеснување на пристапот до странски пазари. Дополнително, истата има за цел да им помогне на учесниците да:
•Го зголемат знаењето за системите на учество и најсоодветните методи при идентификувањето на можностите за инвестирање кои се покриени од погоре споменатите ЕУ 2014-2020 програми;
•Се стекнат со знаење за главните теми и можности за финансирање кај Косме и Хоризонт 2020 ЕУ програмите;
•Се запознаат со важни информации/барања при главната политика на програмирање, правни текстови и документи и нивната важност при аплицирање за фондови;
•Завладеат со правилата при аплицирање за овие ЕУ програми, вклучувајќи некои практични алатки, со цел да се осигури:
-дека нивните предлози се совпаѓаат со целите на програмата;
-соодветно управување и реализација на ЕУ грантови.