о.Григориј-Социјални медиуми

Православен поглед

За монахот, а и за секој човек, нема ништо поубаво од тоа, да ја почувствувабезгрижноста и потполната слобода на духот. Еднаш, во една не така туѓа земја,одевме да посетиме еден манастир. Седнавме на една клупа во блиското село.
Две деца оддалеку креваа врева и целосно безгрижни беа занесени во својатаигра. Кога се приближија, не здогледаа, застанаа неколку секунди, и продолжија понатаму, повторно оддавајќи се во нивната детска простота и безгрижност.
Монахот, ако сака да стане таков, треба да постане дете, примајќи ја на тој начин полнотата на благодатта на Светиот Дух, затоа што кој прима такво дете, го прима и Царството Небесно (Марко 10, 15). Тоа е така, затоа што детето не ги фрактализира и фрагментира времето и просторот, туку го живее она “овде и сега”, поточно го има она што ние би го нарекле полнота на просторот и времето.
Ваквата состојба на детинство може да се постигне, ако нашата волја слободно и љубовно ја покориме (или подобро речено предадеме) на волјата на Старецот. На тој начин, се што правиме (подвиг или послушанија – нефрагментирано) и се што добиваме (добродетел или дар – во полнота) е преку Старецот и по неговите
свети молитви (1 Кор. 4, 7).

Тогаш, вистински би го довеле умот до “тивкото пристаниште” и би започнале со нашата безгрижност. На тивкото пристаниште умот се обезбедува со добра храна, ослободувајќи се од предрасудите за овој свет (трагедијата на немирното море) и одвраќајќи се од погубната расеаност (погледот кон примамливото копно).
Бивајќи допрен од таквата радост, брза да му ја соопшти на срцето. Тука, умот бива поразуван од она што го гледа: наталожено ѓубре од многубројните морски бури.

Тука се случува и вистинското самоосознавање, и како што велат Светите Отци, во овој момент започнува вистинскиот духовен живот. Умот почнува да ја живее трагедијата на Израилот на вавилонското ропство. Како да запее душата Госпдова песна во туѓа земја, т.е. како е возможно славословие во од страсти извалканото
срце (Псалми 136,4)?

Целта на умот е, не само да го отсече (ако треба и насилно) она што е некорисно и штетно, туку и она што спречува да се изродат добри плодови: славата и суетата (пред се), а потоа богатството и сето удопство и уживање на телото и на душата, сето она што е минливо и пропадливо и кое е подложно на (пак ќе кажам)временско и просторно ограничување. Оној кој сака да има живот вечен во
изобилие, треба да го исчисти своето срце од сите тие израстоци.

Очистувањето е трпењето поради неисполнувањето на страста, и непрестајното благодарење на Бога, Кој ни дава сила да истрпиме. Очистувањето всушност, иако е наша заложба, сепак е Негова заслуга; ние самите по себе ништо не би можеле да направиме.

Колку повеќе трпиме – толку повеќе е неподносливо и гледаме
дека душата целосно сме ја упропастиле. Умот ја согледува целата своја немоќ, и полека почнуваме да сфаќаме дека без Него сме ништо. И почнуваме пополека во своето себедавање во целост на Бога. Тоа себедавање го означува себеодрекувањето во се: идејата за самиот себеси, ненаситната желба за богатење, духовното (схоластичко и без опит) надградување и интелектуалното (светско) знаење, помирување (прифаќање како дар Божји) со се лошо и добро што ни се случува, слугување (исполнување на љубовта кон ближниот); односно се она што умот требаше да го отсече.

Така, би Му станале браќа и сонаследници и би се здобиле со блаженството на миротворци (Мат. 5, 9), вселувајќи ја постепено безгрижноста во срцето. Затоа, со право Отците духовниот живот го нарекуваат живот на и во срцето. Ако нашиот живот и вера во Бога ги ограничиме на ритуали, на множество од философски и
морални правила (закони, норми, црковни канони, или како било да ги наречеме), на слаткоречиви слова за Бог; а без притоа да имаме реален опит во животот во Христа (и тоа внатре во срцето) – а со тоа и сведоштво (поточно мачеништво) за кое сме повикани (надвор – кон ближните), тогаш би ја немале љубовта по која би биле препознаени од другите и поради која би станале миротворци.

Сите Свети Отци, без исклучок, велат дека животот на православниот христијанин е животот на страдања на крстот. Не е возможен подвиг во духовниот живот без реално (аскетско) страдање. Затоа, христијанинот кој одбира да не страда, самиот по себе станува контрадикторен и парадоксален.
Но, ова до сега кажано, иако е реалност, нам се повеќе ни се чини како “поука од Светите Отци”. Сме го читале и препрочитувале, слушале и прераскажувале. Овде би додал дека ние со многу голем жар се внесуваме во прераскажувањето,заборавајќи дека тоа би требало да биде наша лична и интимна реалност и обврска. Прераскажувањето треба да извира од нашиот внатрешниот опит, за да засветли како сведоштво. Во спротивно, се наметнуваме и вршиме насилие врз волјата на нашиот ближен, и најчесто го одвраќаме од верата.

Како мал, ги читав “Робинсон Крусо”, “Островот со скриеното богатство”, “Том Соер” и „Хаклбери Фин”, се восхитував на подвизите и се поистоветував со хероите. Слично постапуваме и ден денес (како возрасни): се восхитуваме на словата и житијата на нашите свети Старци (Јосиф, Софрониј, Клеопа, Пајсиј), но сепак, се повеќе ги доживуваме како романчињата кои ги читавме како деца. Ако
сакаме да ги подражаваме нив, треба да го направиме тоа што и тие – да умреме за светот (гревот и страстите).
Во раната возраст на децата, родителите се моделот од кои децата набљудуваат, учат и делуваат. Понатаму во животот, модели стануваат и други возрасни, или врсници од блиското опкружување. Ако родителот се предаде на хедонистичката културата на современото општество, тогаш авторитетот врз детето го презема
културата на општеството. Со воведувањето на моделот на светот во нашето духовно живеење, пак, помилна ни станува инстантноста. Се храниме со инстант теологија – добиваме инстант духовност: страдање без болка, молитва без солзи, послушание без подвиг, “последно место” без смирение – без притоа (барем некогаш) да ги сетиме плодовите на Светиот Дух (Гал 5, 22-23).

Социјални медиуми

Пред пет години, во секојдневниот живот на човештвото се појави еден огромен феномен – социјалните медиуми. Овој феномен можеби задава и смртоносен удар на нашата и така болна душа, правејќи погоре напишаното навистина да прерасне во „утопистичка приказна од минатото“, и тоа неповратно. Бидејќи социјалните медиуми го обликуваат нашето живеење, и се наметнуваат на нашиот внатрешен
духовен живот, ќе направиме анализа за отприлика да ја осознаме нивната суштината и да ја согледаме потенцијалната штетност што можат да ни ја нанесат.
Терминот „социјални медиуми“ означува веб ориентирани комуникациски алатки,кои овозможуваат споделување и консумирање на информации меѓу луѓето, преку
виртуелни заедници и мрежи. Социјалните мрежи се само дел од социјалните медиуми. Социјалните мрежи се однесуваат на начинот на интеракција со другите корисници, а социјален медиум е содржината што сакаме да ја споделиме/консумираме преку социјални мрежи.

Трендовите на социјалните медиуми се растечки и запрепастувачки: просекот на поминато време на социјалните медиуми во текот на еден ден за еден човек е 135 минути (податоци за 2017 година), и тоа претставува само 30% од времето поминато на Интернет, што значи, човек во просек дневно на Интернет (поврзан од компјутер, лаптоп, паметен телефон и слично) поминува 450 минути (7.5 часа).
Секако, тоа е просек на светско ниво, има разлики во зависност од региони, култури или општествени статуси. Понатаму, поради социјалните медиуми, 48% од интернет корисниците ги запоставуваат своите домашни и професионални обврски, 47% од корисниците спијат драстично помалку, и 31% од корисниците
поминуваат помалку време со домашните или пријателите. Во развиените земји, статистиките се уште пострашни. Во Велика Британија, на пример, дневен просек поминат на Интернет надминува 9 часа, повеќе отколку просечното време за
спиење, кое е 8 часа. Токму во тие земји, веќе постојат терапии како „дигитален детокс“, односно доброволно оддалечување од Интернетот за некое време. Во Велика Британија, дигитална детоксикација направиле околу 30% од интернет корисниците, но со многу слаби резултати: 50% од апстинентите не издржале цел ден, 25% успеале да се воздржат еден ден, 20% една недела, и само 5% еден месец.

Сложеноста на социјалните медиуми е огромна. Ќе направиме анализа од повеќе аспекти: математички, биолошки, социолошки и психолошки; па ќе може полесно да ја согледаме целокупната штетност од нивното прекумерно и несовесно користење.

Нормална распределба

Во социјалните и природните науки, се користат распределбите на веројатности како средства за пронаоѓање шеми, изведување заклучоци или наметнување стратегии или мислења на поединци или на групи луѓе. Распределба на веројатност е математичка функција која ги дава веројатностите на исходите на некој настан (експеримент). Постојат многу видови на распределби на веројатност, но најчесто, социјалните и политичките ставови, па дури и физички и умствени карактеристики (висина, физичка способност, коефициент на интелигенција и т.н.) на дадена популација претставуваат нормална распределба, па накратко, преку нормалната распределба ќе го објасниме математичкиот аспект на социјалните медиуми.

Нормалната распределба има форма на ѕвоно, па затоа уште се нарекува и крива во форма на ѕвоно. Нормалната распределба е симетрична, и има две главни својства, средина (средна вредност) и стандардна девијација (колку далеку се распространети вредностите од средината). Интересно е дека, отприлика 68% од вредностите се во рамките на една стандардна девијација (една сигма), 95% во
рамките не две сигми и 99.73% во рамките на три сигми. Во десниот дел, помеѓу втората и третата сигма, се позитивните екстреми, а во левиот дел, се негативните екстреми.

На пример, компанија за бодибилдинг има за цел да промовира свои продукти и прави истражување за физичка способност на дадена популација. Резултатите од истражувањата претставуваат нормална распределба, каде во десниот краен дел се физички најспособните, а во левиот краен дел се физички најнеспособните луѓе. Тоа што е меѓу двете крајности е просекот, односно, тоа што се смета за нормално. Така, се добиваат четири (или шест) различни групи, каде на секоја
различна група може да се изгради различна маркетинг стратегија. Најчесто, тоа се прави врз популацијата помеѓу двете сигми, бидејќи популацијата во екстремните краеви е слабо подложна на влијанија.

Вакви стратегии многу лесно се прават на социјалните мрежи – па дури и без наше знаење. Од самото тоа што ние го објавуваме, ние за себеси го откриваме целиот свој социолошки и психолошки профил. Така се откриваат нашите афинитети, слабости, маани, страсти, кои во најголем дел претставени на график, подлежат на нормалната распределба. Знаејќи во која група припаѓаме, многу лесно може да се манипулира со нас во кој било поглед: понуда на производ,наметнување на идеја, суптилна промена на нашата перцепција за нормално (за ова поопширно ќе објасниме подолу) и слично.
Од друга страна пак, ние не сме свесни за сето тоа, па дури мислиме дека е производ на нашите желби и потреби. Ваквите наметнати идеи имаат лесен пристап до нашето срце, кое и така оптоварено со полно страсти, останува уште повеќе заробено и извалкано. Потребен е огромен напор за да се обнови радоста во нашето срце. Најчесто, луѓето помеѓу двете сигми остануваат инертни (Откр 3,
15-16).

Физиолошки стимулации

Научниците порано сметаа дека допаминот во мозокот е одговорен за
зависностите, но сега се повеќе се знае дека допаминот е поврзан со желбениот дел на човекот. Во суштина, лачењето на допамин во мозокот непредвидливо се стимулира со многу мали количества на информации кои ги примаме (со духовен речник – демонски предлози), и/или преку концептот на наградувања (споменот од привидната сладост ако го прифатиме предлогот). Во поглед на социјалните медиуми, исполнети се и двата услови: преглед на објави – како информација; и „лајк“, т.е. допаѓање – како награда за некоја наша објава.

Откриено е дека, при појава на желба да објавиме твит, се лачи повеќе допамин отколку при желбата за цигара или алкохол. Тоа е затоа што, според културните стереотипи, знаеме дека цигарите и алкохолот создаваат зависност, па човекот едноставно изразува поголема волја за воздржување (па така се лачи помалку допамин). Желбата да запоставиме некоја работа (т.е. да бидеме мрзеливи) исто така е полесна за воздржување, затоа што работата е поврзана со нашиот личен идентитет, а и поради непријатните казни кои не следуваат (бркање од работа, помала плата и слично).
Желбата за комуникација преку социјални медиуми, навидум ни изгледа дека не е опасно, оти нема што да изгубиме, па, иако можеби и имаме волја да се воздржиме, таа е премногу раслабена, и постепено стимулираме да се лачи поголеми количини на допамин, со што наредниот пат, желбата станува уште посилна. Додадено ниво на лачење на допамин се и самите игри, и тоа оние малите, прости видео игри кои се вградени во самите социјални мрежи.

Окситоцинот е хемикалија која ја лачи мозокот при гушкање, бакнување, социјално врзување, кај жените после раѓање, и слично. Научниците го нарекуваат уште и хормон на љубовта. Експериментално е потврдено, дека со само 10 минути користење на твитер, нивото на окситоцин се зголемува за 13%, додека хормонот за стрес, кортизолот, се намалува за 10%-15%. Колку за споредба, нивото на окситоцин толку драстично се зголемува кога доживуваме исклучително радосен настан во животот, како што е венчавката на пример.
Од една страна, тоа е позитивно, затоа што кај човекот се зголемуваат чувствата на доверба, емпатија и добросрдечност, но од друга страна, стануваме повеќе зависни кон социјалните мрежи: се лачи многу окситоцин, тоа значи дека сме многу среќни, и тоа е мамката на која ние се фаќаме и бараме повеќе и повторно.

На овој начин, ние несвесно правиме потиснување на страстите, бидејќи при било кое искушение кое би не направило стресни (т.е. би имале страдање), наместо да се соочиме со него и да преобразиме некоја страст, ние би поитале кон изворот на нашата утеха и љубов – таму каде што има големо лачење на окситоцин.
Големите компании, имајќи ги овие резултати изградија нов вид на маркетинг стратегии: директно рекламирање на социјланите мрежи, и тоа преку „пријателства“, бидејќи на тој начин би стекнале поголема доверба кон компанијата. Всушност, бизнисите изнајдоа начин како да го манипулираат човековото однесување, за да се добие поголем афинитет кон некој продукт. Во психологијата, ваквото компулсивно однесување на луѓето се нарекува зависност,
додека во маркетингот се нарекува придобивање лојални потрошувачи.
Окситоцинот се лачи и кога ќе видиме покана за пријателство, бидејќи однапред потсвесно имаме позитивни очекување од исходот на пријателството. Така создаваме зависност и кон стекнувањето нови и се повеќе онлајн пријателства.

Социјален доказ

Социјален доказ, или социјално влијание е психолошки и социјален феномен, кога човек не знае да го определи правилното поведение или мислење во дадена ситуација, па ги присвојува мислењето или постапките на другите (на мнозинството), сметајќи го за правилно. Социјалниот доказ има страшна тенденција, огромна популација да се конформира околу некое прашање или постапка, без да размислува дали изборот е правилен или погрешен. Тоа пак доведува, мислењета на популацијата, и мислењата на луѓе блиску до таа популација пребргу да конвергираат кон еден единствен избор. Ваквата
конформна популација се наоѓа помеѓу двете сигми од нормалната распределба.

Дури, и да сакаме да ја подигнеме свеста кај луѓето за некои штетни појави, на пример, прекумерно јадење нездрава храна, ако во нашата кампања користиме слоган во стилот „секоја година милиони луѓе се разболуваат поради нездрава исхрана“, кампањата нема да има успех, бидејќи кажуваме дека многу луѓе направиле погрешен избор, па ако самите ние се храниме нездраво, влегуваме во социјален доказ, оправдувајќи се дека и многу други луѓе го прават истото. Од
друга страна, ако во слоганот ставиме слика од болен човек и напишеме „овој човек се хранеше нездраво и се разболе“, тогаш тој пример би го сметале надвор од конформната зона, па сакајќи ние да останеме таму, би се потрудиле да се промениме и кампањата би имала успех.

Типичен пример на социјален доказ е следниот експеримент: на поголема група луѓе им било дадено да оценат неколку производи. Потоа, била пресметана просечна оценка за секој производ одделно. Истите производи повторно се дадени на оценка на истата група на луѓе, само што сега се соопштува просечната оценка за производите. Новите оценки на корисниците во најголем број конвергирале кон
просечните оценки на одделните производи. Кога пак, на групата луѓе им било кажано како некоја позната личност ги оценила производите, тогаш оценките конвергирале кон оценките на познатата личност.
Ова последното е посебен вид на социјален доказ, и се нарекува афинитет кон брендирање. Во поглед на социјалните мрежи, ние ќе бидеме повеќе ценети и би имале повеќе допаѓања/следбеници, ако сме следени од веќе познати и ценети личности.
Социјалниот доказ може да се однесува на подгрупи во општеството. Подгрупата може да биде и мала, дури и да има различен став од остатокот од популацијата.
Кај нас типичен пример на социјален доказ во подгрупи се политичките партии.
Луѓето кои активно учествуваат во политички партии, по некое време престануваат да размислуваат, и го прифаќаат ставот на подгрупата во која припаѓаат.

Социјалниот доказ има силно влијание кај социјалните медиуми. На пример, ако некое видео на јутјуб има мал број на прегледи, а е поставено одамна, тогаш постои голема веројатност случаен корисник да не го гледа. Ако пак има многу прегледи, тогаш и да не бил заинтересиран за видеото, ќе почне да го гледа.
Истото може да се сретне и кај твитер. Ако имаме малку следбеници, а сакаме да стекнеме нови, треба да објавуваме подолго време твитови со интересна содржина за да почнат корисниците да се интересираат за објавите. Но, ако веќе имаме голем број следбеници, доволен е еден занимлив твит, за да привлечем нови. Најголем пример за социјален доказ се допаѓањата на фејсбук. Еден
корисник одлучува дали да чита одредена статија според бројот на допаѓањата што ги има статијата.

Луѓето често тежнеат она што е пожелно (за нив) да го пронајдат во просечноста.
Таа појава се нарекува нормализација, и е поврзана со социјалниот доказ.
Социјалните мрежи се најпогодно место за промена на нашата колективна перцепција за нормално (морално, здраворазумско, расудливо). Вакви поместувања смислено почнале да се прават кон крајот на 19 век. Денеска, преку социјалните медиуми, тоа се врши многу лесно и со голема брзина. На пример, вест за некого што сторил нешто лошо. Тоа ќе биде објавено на многу медиуми,
споделено многу пати, и сето тоа се случува така брзо, што нема време да се провери веродостојноста на објавата. Така, за кратко време (минути или часови), ставот на популацијата за тој човек се нормализира, и конвергира кон негативната објава – практично, го осудуваме.

Присилната нормализација може да биде и добра, и лоша. На пример, позитивна нормализација е зголемената свесност и прифаќање на луѓето со ментална попреченост. Негативен пример е, користењето на лесни дроги – од болест, да се смета за начин на релаксација. Поентата со нормализацијата не е дали таа е добра или лоша, туку дека таа е наметната и е силна алатка за манипулација и контрола на свеста на луѓето.
Повторно ако се навратиме на нормалната распределба, алтруистите се наоѓаат во крајниот десен дел, додека анархистите во најлевиот. Ако сакаме да ги поместиме границите на нормалното кон негативно (т.е. средината, или средната вредност на графиконот да ја поместиме кон лево), доволно е да се радикализира популацијата од лево, и оној дел од популацијата што е многу блиску до левиот дел. Така допирајќи во извесна мера и до конформната зона, преку феноменот на социјален доказ, може да се радикализира и целата популација, сметајќи ја новата средна вредност за нормално.

На овој начин, преку социјалните мрежи многу лесно може да се шири омраза,фобија, дискриминација, национализам, фундаментализам, неморал, и друго што би го деградирало општеството или би го турнало во хаос. Секако, истиот принцип
важи, ако сакаме општеството да го поместиме кон подобро. Во тој случај се радикализира најдесниот дел од популацијата.

Невербална комуникација

Еден од уникатните атрибути на социјалното когнитивно однесување на човекот е тенденцијата да градиме модели за другите, преку кои изведуваме заклучоци за менталната и емоционална состојба на другите луѓе. Еден од клучните моменти за нашиот однос со останатите луѓе е невербалната комуникација. Додека разговараме со другите, ние процесираме многу сигнали: израз на лице, тонот на гласот, гестикулации на рацете и телото, контакт со очи, па дури и физичката оддалеченост со соговорникот.
Овие невербални знаци се „душата“ на нашата интеракција со другите луѓе. Ако ги немаме овие невербални знаци, нема да можеме да ја разбереме суштината на интеракцијата (таков е случајот со аутистите). Од невербалните знаци може да ја одредиме намерата на соговорникот, дали е заинтересиран за разговор, дали е под стрес или е расположен. Но, тоа бара когнитивен и емоционален напор.
Сето тоа го нема кај социјалните мрежи. Примитивна форма на невербална комуникација може да бидат емотиконит(„смешковците“) и интерпункциските знаци.
Но, не мора да значи дека со нив би ги изразиле вистинските чувства.
Социјалните мрежи ни овозможуваат да проектираме каква и да било слика да посакаме за нас. Од недостаток на невербална комуникација, соговорникот не може да процени што чувствуваме, и секогаш постои тенденција да се прифати лажната проектирана слика.
Друга карактеристика на комуникацијата во живо е синхронизираноста. Едниот зборува, другиот молчи; привремено ќе кимне со глава, ќе се насмее, и слично. На социјалните мрежи не е возможна синхронизирана комуникација. Ако некој на вибер не праша дали сме таму и ние не одговориме, другата страна не може да знае дали сме таму или не; дали сме налутени, или едноставно не сме расположени да разговараме.

Социјалните мрежи овозможуваат виртуелна форма на интеракција.
Соговорниците се чувствуваат поврзано, но ги немаат тежината и комплексноста кои ги има при комуникацијата во живо. Истражувањата покажуваат дека човек доживува далеку посилна емотивна реакција ако од соговорникот во живо добиеме нефер понуда, за разлика од соговорникот преку социјалните мрежи. Не
сакајќи да вложат напор и од стравот од силна емотивна реакција, луѓето се поизразено прибегнуваат кон виртуелна комуникација, што од друга страна ги прави осамени.

Депресија и анксиозност

Главна причина за фејсбук профил е социјалната споредба со другите.
Социјалната споредба се одвива во две насоки: нагорна и надолна. Фејсбук корисниците (меѓу двете сигми) најчесто имаат нагорна социјална споредба (се споредуваат себеси со социјално поуспешните). Тоа доведува до намалување на самодовербата, депресија и анксиозност. Тоа е затоа што, овие фејсбук корисници
погрешно заклучуваат дека останатите имаат подобар живот од нивниот, а то доаѓа, поради прифаќањето на лажната слика што другите ја проектираат на својот профил. Како последица на тоа, се развиваат две страшни страсти љубомора и завист. Конкретно кај фејсбук, овие две страсти имаат циклично дејство: љубомората на корисникот го тера да почне да завидува, т.е. да го посакува она што го нема, па следната објава на тој корисник е индуцирана од
самата љубомора. Новата објава може да предизвика љубомора кај друг корисник, и се така, додека циклусот не заврши кај почетниот корисник. Подолгото негување на овие страсти ја раѓа злобата. Зависта пак, е во корелација со зголемената депресија кај корисникот.

На социјалните медиуми постојано има обнови. Тоа ги мотивира луѓето постојано да проверуваат дали добиле нова објава. Многу луѓе тоа го прават импулсивно, а чувствуваат олеснување само кога ќе го исклучат телефонот. Од тоа што има чести објави, корисниците премногу често вршат социјална споредба, што води да станат анксиозни, која пак води кон хроничен стрес.
Од психолошки аспект, односот кон социјалните мрежи е многу сличен на односот на зависниците кон своите пороци. Корисниците кои постанале депресивни од самите социјални мрежи, имаат погрешна проценка какви се последиците ако уште еднаш се приклучат, мислејќи дека со наредното користење би биле
посреќни.
Психолозите се разидуваат околу прашањето, какво влијание имаат социјалните мрежи врз човекот. Според едни, социјалните мрежи само драстично го зголемуваат она што човекот е (би рекол, драстично ги зголемуваат страстите); а според други, постои голем потенцијал за силна трансформација и воведување нови (претежно негативни) особини на личноста. Сеуште не се знаат кои ќе бидат
долгорочните последици, бидејќи овие технологии се премногу кратко присутни.

Копнеж по вечноста

Целта на оваа анализа не е да се оцрнат социјалните медиуми, туку да се прикажат огромните влијанија врз човекот, кои најчесто се негативни.
Едноставно, социјалните медиуми се одличен простор за постојано потхранување на нашите страсти. Но, знаејќи го тоа, зошто прекумерно пишување, и себепромоција?
Човековит копнеж по вечноста е двигател за постојано творење и истражување.
Тој копнеж е погрешно насочен ако човековата мисла е богоотпадничка. Со ист интензитет на погрешност е кога мислата е богонасочена, но сепак човек се нема очистено од своите страсти. Пишувањето е обид да постанеме запаметени. Но, ако не е напишано како да имаме власт над тоа слово (Мат. 7, 29), тоа слово ја нема
потребната сила. Таква силина на зборот има само кај просветлените луѓе, кои не пишуваат за слава, туку заради љубовта кон ближниот.
Острастениот човек сака секој свој подвиг и дар да го открие некому, мисли дека има да каже нешто корисно за сите, го препрочитува пишаното и бара суетна слава чекајќи ги реакциите на другите. Би издржал ли таквиот човек да добие некој дар, да стекне добродетел (а најчесто мисли дека поседува), а да молчи? Да го чува тоа во тајност и да го смета за ништо?
Оние, кои и немаат некој талант, претежно се насочени кон критики и се подражаватели на надменоста. Бараат постојано внимание, а ако тоа не се случи, тогаш горделивоста ја бараат кај другите. Тесниот пат на восовршување го сметаат за прелест.
Свети Григориј Палама вели: „По тесниот пат не може да оди и низ тесната врата никој не може да влезе, ако се гордее со славата, ако плива во задоволства и ако се обременува со богатства и имоти. Но, кога ќе слушнеш дека тој таков животен пат е широк, немој да мислиш дека е без грижи, зашто и тој е преполн со многу
тешки страдања, а се нарекува широк зашто многумина врват по него и е преоптоварен со многу преодни работи. И свети апостол Павле вели ‘скрбта по Бога предизвикува неопходно покајание за спасение, а световната мака доведува до смрт’ (2 Кор. 7, 10). Затоа и Господ го ублажува она што е спротивно на благата од овој свет: ‘Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството
Небесно’ (Мат 5, 3).
Зошто кога веќе рекол блажени се бедните, додал и по дух? Затоа што сакал да каже оти за блаженство е достојно токму смирението на душата, и макар што и телесната сиромаштија е блажена, и таа води кон Небесното Царство, но само ако го придружува смирението на душата; ако е тесно сврзана со смирението и од смирението го добива својот почеток. На тој начин, откако ги нарекол бедните блажени, Господ покажал каде е коренот и причината на видливата сиромаштија на светиите – во нивниот дух. Духот, откако ја примил во себе благодатта на евангелската проповед, го дава од себе изворот на сиромаштијата, која го натопува лицето на земјата, односно нашиот надворешен човек го прави да биде рај на добродетелите. Оној што има скрушен и смирен дух, не може да не им се
радува на видливата сиромаштија и на смирението, зашто тој за себе смета дека е недостоен за слава, изоблиство, задоволства и други слични работи.“
И на крај, копнежот по вечноста може да се најде единствено во Богочовекот Христос. А тој копнеж е длабоко интимен, не бара многу зборување, пишување и себедокажување. Потребно е осамување и заклучување во тајната соба (Мат. 6, 6), каде никој нема да знае што правиме, освен Он. Подоцна, тој копнеж исчезнува, или пак, и да остане – не е битен. Останува само љубовниот занес, каде што веќе и ние самите не сме битни, и во целост и безгрижност Му се даваме
на Оној, Кој најпрвин ни се даде нам.

о.Григориј

Игумен на манастирот св.Четриесет Маченици- Банско