Новогодишна честитка на претседателот Зоран Пакетов на ОК ВМРО ДПМНЕ Струмица.

Почитувани сограѓани!

Наближува Нова година. Еден нов временски циклус кој пред нас ќе постави нови задолженија и предизвици. Во ваквите претпразнични моменти, радосни сме што заокружуваме уште една година, со многу реализирани проекти, остварени ветувања, но и со енергија да го завршиме сето она коешто сме го започнале. Македонија е нашиот заеднички дом, нашата единствена татковина, и се што правиме го правиме во интерес на сите нас кои во неа живееме. Отсекогаш сме биле со вас, нашите граѓани, со вас ќе продолжиме да бидеме и во новата година. Во годината што доаѓа да направиме сите ние преку нашето секојдневно дејствување нашиот град, градот под Царевите кули, но и градот на светите петнаесет тивериополски свештеномаченици, да биде поубаво, посветло и посреќно место за живеење. Да му помогнеме на нашиот ближен секогаш кога сме во состојба да го направиме тоа. Да се свртиме околу себе и да покажеме грижа за другите околу нас. Да го зачуваме она што како град и како традиција го имаме. Да ја поттикнеме љубовта во нас и преку свои, лични идеи да придонесеме Македонија уште повеќа да се развива. Да заборавиме, барем за миг, во ваквите претпразнични мигови, на сите наметнати, вештачки поделби меѓу граѓаните, кои не му се од корист никому. Да бидеме единствени во она што е наш заеднички интерес – Македонија! На сите граѓани на општина Струмица им посакуваме многу здравје, спокојство и среќа во годината што доаѓа. Она што можеби делумно и нецелосно сте го реализирале во годината што одминува, без оглед дали се работи за науката, бизнисот, културата, спортот, ви посакуваме целосно да го остварите во Новата 2016 година, којашто е пред нас. Нека вашите најскриени желби станат стварност! Нека љубовта биде постојано со вас во времето што иде.

 Среќни новогодишни празници!!!

Напишете коментар