МЛАДИ НЕВРАБОТЕНИ НА ОБУКИ ЗА КАРИЕРНО СОВЕТУВАЊЕ

Центарот на заедницата на општина Струмица и Струмичката бизнис заедница реализираа пакет обуки за подобрување на вештини за вработување и кариерно советување.

Со првата обука учесниците имаа можност да совладат техники за надминување на дилемите околу пријавувањето за работа, а преку вежбање и учење на пишување свое CV, мотивационо писмо и симулација на интервју и негова анализа, на учесниците им се овозможи да ги увидат своите слабости и своите јаки страни при интервју кај работодавец. Обуката беше интерактивна и истата сигурни сме дека ќе им помогне на младите да управуваат со процесот на барање работа и да ги планираат чекорите на развој на своите работни активности.

На втората обука младите невработени стекнаа вештини и техники како подобро да се запознаат себеси, своите вистински интереси, способности и длабоко вкоренети вредности; да прават информирани избори и да донесуваат вистински одлуки; да се слушаат себеси; да ја земаат својата иднина во свои раце. Секој учесник работеше индивидуално на своето портфолио, при што се применуваа различни тестови, прашалници и вежби.

Обуките се дел од проектот „Младите – клуч за иднината на бизнис секторот“, кој се спроведува во рамките на „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан – ReLOaD“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Фотографии од обуките можете да најдете на официјалната Facebook фан страна на Центарот на заедницата на општина Струмица.