Митрополит Струмички Наум Недела на сите Светии

„И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец Небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен.“

„Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.“

Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?“ А Исус им рече: „Вистина ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израилеви колена; и секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. И мнозина први ќе бидат последни, а последните први“ (Матеј 10, 32–33; 10, 37–38; 19, 27–30).

Не знае човек што попрво да толкува од неделново евангелие.

Најмногу, внатре, превладува темата на самоидентификување, односно поистоветување со Богочовекот Исус Христос или со нешто друго, од овој свет. Тема на самоидентификување е и јавното признавање дека сме Христови или од Него одрекувањето. Иста тема е и кога што било или кого било во нашиот живот љубиме повеќе отколку Христос или го оставаме заради Христос. Иста тема е и одењето по Христос и седењето со Него, откако Он ќе седне на престолот на славата Своја.

Изгледа дека од темата на самоидентификување со Христос или, не дај Боже, со нешто од овој свет – па не знам колку и да ни значело тоа нам, нема бегање. Да, тоа е избор со кој се среќаваме во секој момент од нашиот живот. Во секој момент од нашиот живот, сите ние, со секоја своја мисла и чувство, со секој свој збор и со секое свое дело, или се самоидентификуваме како Христови или како Негови противници и предавници.

Ајде вака, најгрубо, да се потсетиме на учењето на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква на темата самоидентификување. За секој еден вистински христијанин, Богочовекот Христос е на прво место – Него најмногу Го љубиме, Нему најмногу Му веруваме, за Него првенствено живееме, на Него најмногу се надеваме, Нему сме Му лојални и, пред сѐ, за Него сме подготвени целиот свој живот да го жртвуваме. Од Христос никогаш не се откажуваме! А поради Него од сѐ можеме да се откажеме! Можеме да се откажеме и од деца и од родители, од народ и од татковина, од имот и од позиции, од здравје и комфорт, и од самиот свој живот, ако некој нѐ постави во позиција да бираме Христос или што било од наброеното – или што било друго.

Ова си е точно вака. Дали некому му се свиѓа или не, дали некому му изгледа како фанатизам или не, православниот христијанин тоа не го интересира. И, се подразбира, во Христос веруваме православно, така како што Светите отци утврдиле во своите дела, а посебно како што утврдиле во светите догми на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, потврдени на Светите Вселенски Собори. И, православно Го исповедаме.

Погоре е прецизно објаснето, што се однесува на тема самоидентификување, односно поистоветување со Богочовекот Христос. Но, само човек, кој заради Христос Богочовекот е подготвен и може да се откаже од сѐ свое, само тој и има најголема љубов и кон своите блиски, и кон својот народ и татковина, па дури и кон непријателите, затоа што Бог таквиот најмногу го преобразува, осветува и обожува со Својата несоздадена енергија – и овде веќе говориме за пастирски пристап кон луѓето, кон светот и кон сѐ што е создадено. Пастирскиот пристап е антиномичен – најмногу се откажуваш од некого или нешто и истовремено најмногу го љубиш. Монахот, кога заминува во манастир, па дури и во туѓа земја, да не го прави тоа затоа што ги мрази тие што ги напушта? Не, затоа што ги љуби. А, што се однесува до самата Божествена љубов, таа е еднаква за и кон сите. Кој колку ќе ја има, зависи од неговата отвореност за Бог.

И, мислам овде да ја затвориме темата за патриотизам, особено со оние кои ништо не жртвувале за својата татковина (како, на пример, монасите што жртвуваат). Оти има и такви кои нешто жртвувале. Има и такви кои мислат дека жртвуваат, а не сфаќаат дека од Христос се откажуваат.

Оставањето кого било и што било заради Неговото Име е поврзано со ветување: „ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен“ (Матеј 19, 29). Православниот христијанин, тоа ветување, апсолутно не го интересира! Фанатизам? Мислете си што сакате…

Ајде да видиме што значи уште ова: „И мнозина први ќе бидат последни, а последните први“. Оваа тема е поврзана со восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата. Нели, според Светите отци, оној кој е на степенот на очистување на своето срце од страстите може да биде ракоположен во ѓаконски чин; оној кој е на степенот на просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва може да биде ракоположен во презвитерски чин; и оној кој е на степенот на обожение може да биде ракоположен за Епископ на Црквата Божја.

Бидејќи ова светоотечко начело, денес, ретко се почитува, затоа настанува несовпаѓање, односно невосогласеност меѓу степенот на духовниот развој и соодветниот свештенички чин. Може да се случи човек кој воопшто не го ни чисти своето срце од страстите да стане Епископ. Значи, колку поголемо несовпаѓање, невосогласеност меѓу степенот на духовниот развој и свештеничкиот чин, толку и поголемо промашување, односно грев; и толку поголема можност за душевно разболување на тие што неподготвени се нафатиле на некој од свештеничките чинови. Затоа, мнозина први ќе бидат последни.

А како мнозина последни ќе станат први? Верните луѓе кои немаат свештенички чинови се многу поблиску до идеалот на критериумот воспоставен од Светите отци. Повеќето од нив се или на ниво на религиозна невроза, што математички би било промашување од еден степен, или се наоѓаат на степенот на чистење на своето срце од страстите – што е во согласност барем со тоа што немаат никаков свештенички чин. Нормално, тие не треба да бидат задоволни со таквата состојба, затоа што секој е должен, во смирение, послушание и анонимност, да напредува по скалилото на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство (кое го имаат и жените – и пред сѐ, тие), без оглед на тоа дали Божјата промисла ќе го удостои и со надворешен свештенички чин. Само на тој начин – мнозина последни ќе станат први.

А за оние лаици кои не сакаат да го восогласат начинот на својот живот со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаат, како и со местото и улогата што ги имаат во Црквата, па излегуваат од смирение, послушност и анонимност, и пробуваат да ги поучуваат другите, што да кажеме? Жали Боже… Па, зарем околу двесте монаси и искушеници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија напразно смирено се подвизуваат во послушност и анонимност во манастирите? Зарем тие немаат што да поучат од жив опит? Некој овде многу греши.

Пресвета Богородице, спаси нас!http://mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7291