Митрополит Струмички Наум-Кој се гневи, без причина, на братот свој

Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во Царството Небесно (Матеј 5, 20).

Двапати, ние христијаните, влегуваме во Царството Небесно. Првпат, кога го откриваме местото на срцето, т.е. кога енергијата на нашиот ум се соединува молитвено со својата суштина во нашето духовно срце, т.е. кога го добиваме дарот на умно-срдечната молитва – затоа што Царството Небесно е внатре во нас (Лука 17, 21). И вторпат, кога се упокојуваме. Најсигурно е, уште во овој живот, да си го очистиме срцето свое од страстите, доволно за во него да се пројави благодатта Божја на Светото Крштение, а енергијата на умот, привлечена на тоа место, молитвено да се соедини со својата суштина и на тој начин да го обезбедиме нашиот конечен влез во него, однапред.

Сте слушале дека им било речено на старите: „Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот“. Јас, пак, ви велам дека секој што се гневи на братот свој без причина, ќе биде виновен пред судот; а оној што ќе го нарече братот свој „празноглав“, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече „будала“, ќе биде виновен за во пеколот.

Дали тоа значи дека ако на братот се гневиш со причина, нема да бидеш виновен пред судот? Не! Со овие зборови Богочовекот Христос сака да ни каже дека никогаш не треба да се гневиме на нашиот ближен, т.е. на кој било човек. Слушнете го објаснувањето. Доколку примиме и прифатиме лоша помисла за својот ближен, која ќе ни ги смени нашите чувства (на пример – гнев) и расположение кон него, тогаш многу лесно можеме да згрешиме и со збор, и да го наречеме – „празноглав“, а на крај, може да се случи и да згрешиме на дело – нарекувајќи го „будала“, затоа што тој збор е тешка навреда, која може да предизвика остра реакција на дело од другата страна, а голема е веројатноста дека иста таква ќе следува и од наша страна. Еве зошто си виновен за суд, зошто за врховен суд и зошто за во пекол. Затоа што покажуваш симптоми на религиозна невроза (лоши помисли и чувства), на религиозна психопатија (лоши зборови и дела), кои можат да завршат со демонизираност, односно со ланец од враќање зло за зло.

Како православниот христијанин одговара на стореното зло (со збор или на дело)?

Оној кој се наоѓа на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, има сила да одговори на таков начин што, наместо човечката, ќе ја бара Божјата правда, т.е. дали неговите мисли, чувства, зборовите што би сакал да ги каже и делата што би сакал да ги преземе се подобни на Христовите или не се. Во таа проверка сигурно ќе утврди дека не се подобни или слични, и на тој начин ќе ја утврди својата вина, ќе се смири пред ближниот, ќе побара прошка и по молитвата кон Бог, ќе гледа како да се поправи.

Оној кој се наоѓа на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва, има сила да одговори на таков начин што во стореното зло ќе го види суштинскиот човеков копнеж и прашање – ме љубиш ли?; и ќе најде начин, на стореното зло, да одговори со љубов.

Оној кој се наоѓа на третиот степен од духовниот развој – обожение, со слободата што ја има пред својот Небесен Отец, просто ќе измоли прошка од Него за оној што му нанел зло – Оче, прости им, не знаат што прават.

Секој треба да го направи тоа за коешто има сила да го направи. Еве ви пример за тоа што се нарекува восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме.

И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со братот свој, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант (Матеј 5, 20–26).

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си го покрил пред Бог злото што ти го нанел, затоа што наместо да се соединиш со Христос, тоа ќе ти биде излегување на суд и ќе отпаднеш од Него. Вистина, ти велам: нема да можеш да се вратиш додека не остане прав и пепел од твојата гордост, а тоа ќе се случи по соодветно страдање.

Гледате зошто ви велам, дека ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во Царството Небесно? Затоа што, Новиот Завет на нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, бара чисто срце и од лоша помисла, а камоли од лоши чувства, зборови и дела. Во суштина, бара љубов и кон непријателите. Нема друг начин да се достигне чистотата на срцето.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

Напишете коментар