„Лузна“ја краси фасадата од предната страна на Домот на АРМ

Фасадата од предната страна на Домот на АРМ од денеска ја краси уметничкото дело насловено „Лузна“ на нашиот познат уметник Никола Пијанманов. Според Никола, ова дело претставува монументален ликовен обид за редефинирање на рацете од пештерите во кои пред 30.000 години едни прасликари насликале ѕид со дланки оптегнати во грч и страв, раце во агонија и паника од природните феномени, неизвесност од големата природа. Во едната дланка крвотокот се отсликува во форма на крошна од дрво.Таа рака го носи во себе печатот на прадрвото, сеќавањето на Еденската градина, но и стигмата на страдањето – жртвите и маченици на модерните болести. Во другата дланка која станува суво дрво се згрчени гранки-прсти е втиснат печатот на сушата. Разделбата со дрвото е распетието на современиот човек. Денеска нашите дланки се виткаат во грч од изчезнувањето на таа природа. Дланката на современиот човек е сува од стихијата на апокалиптичните загадувања, пластики, пустошењето на дрвјата, небото и водите.

Сликата е дел од кампањата „Еко фронт” на општина Струмица за подигање на еколошката свест и соочување со предизвиците од загадувањето и ништењето на животната средина. Изработката на ова уметничко дело, покрај општина Струмица финансиски ја поддржа и компанијата „Изолмак – Фибран“ од Струмица што претставува добар пример и за остантите компании да се приклучат во борбата за почиста и поздрава животна средина.