Градоначалникот Заев оствари средба со делегација од Италија

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска оствари средба со делегација од провинцијата Бјела од регионот Пјемонте во Република Италија. На средбата присуствуваа и амбасадорот на Италија во Македонија, Масимо Белели и конзулот Стојан Витанов.
Во делегацијата од Италија беа претставници од приватното средно училиште за угостителство и хотелиерство „Г. Пасторе“ и претседателот на стопанската комора кои за време на престојот во Струмица ќе посетат неколку приватни компании за да се запознаат со нивните капацитети и да ги поврзат со адекватни партнери од Италија.
На средбата, гостите од Италија ја презентираа идејата за соработка со општина Струмица, а градоначалникот Заев, поздравувајќи ја идејата за соработка ги презентираше можностите што ги нуди Општината.

-Денеска во присуство на амбасадорот на Република Италија, на директорот на училиштето и на менаџерот на самиот проект имаме прекрасна можност при оваа возвратна посета на нашето СОУ „Јане Сандански“ да развиваме прекрасни идеи за инвестирање. Тоа дотолку повеќе што кадрите од областа на угостителството се дефицитарни не само за нашата општина, туку и за целиот Југоисточен регион. Разговаравме за конкретни локации и денес после разговорите менаџментот ќе ја посети старата струмичка касарна. Таму можат да ги видат готовите објекти од поранешната касарна, но и локацијата која е предвидена за изградба на училиште. Се надевам дека една од овие можности ќе биде потврдена од страна на инвеститорите. Секако се работи за исполнување на уште неколку услови, но сме среќни што тука се развива една таква идеа знаејќи ја поврзаноста на Струмица и Струмичкиот регион со Италија каде живеат и работат огромен број наши сограѓани и секако знаејќи ја потребата од воведувањето и изучувањето на италијанскиот јазик во струмичките училишта. Со една ваква идеја поклопуваме уште една потреба на Струмица, познатото кулинарство на Италија преку пастите, пиците и месото и целиот начин на подготовка на италијанската храна, а преку ова училиште во Струмица ќе биде една позитивна италијанска инвестиција во овој дел од нашата Македонија, рече градоначалникот Заев.

Искрените намери за соработка ги пренесе и амбасадорот на Италија во Македонија, Масимо Белели.

-Тука сме за да го направиме првиот чекор во овој процес на инвестирање во Струмица. Ќе почнеме со размена на ученици кои што ќе бидат мост на соработката меѓу двете земји. Од наша страна има позитивна реакција бидејќи со тоа се создаваат можности за креирање на нови работни места и то не само за општината, туку и пошироко за регионот, рече амбасадорот Белели.

За прифатената понуда за соработка се заблагодари Марко Виљоко, координатор на проектот и претставник на инвеститорите.

-Оваа идеја да се инвестира во Струмица е инвестиција во иднината на луѓето кои сакаат да работат во угостителството и туризмот. Се надеваме дека нашата идеја ќе биде прифатена и во поширокиот регион. Сакам да им се заблагодарам на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица за соработката што ни ја овозможија преку која ќе можеме да дојдеме и до идни партнери, рече Виљоко.
11219435_879315365455228_8742352980537894152_n

12107817_879315362121895_4963833488542767159_n

12140626_879315395455225_9089097957914625432_n

Напишете коментар