Ѓоргиев: Општина Струмица комплетно ги заврши своите законски обврски околу проценката на штетите од поплавите

Ацо Ѓоргиев, претседател на Комисијата за утврдување и проценка на штети настанати од природни непогоди и други несреќи при Советот на општина Струмца, денеска, одржа прес конференција на која потенцираше дека општина Струмица комплетно и навремено ги заврши своите законски обврски околу проценката на штетите од поплавите кои што ја зафатија општината на почетокот на оваа година. Истовремено, апелираше до надлежните државни институции да бидат обесштетени и граѓаните кои претрпеа штети во домаќинствата, а исто така да се исплатат и парите за штетите кај инфраструктурните објекти и за земјоделските површини кои не беа посадени.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Сакаме да ја информираме јавноста, а посебно оние граѓани чии имоти настрадаа во поплавите што се случија во почетокот на оваа година, дека Комисијата за утврдување и процена на штети настанати од природни непогоди и други несреќи при Советот на општина Струмица навремено ги изврши сите задачи кои произлегуваат од нејзината надлежност.

Имено, најпрвин постапувајки според Законот за заштита и спасување како и Единствената методологија за процена на штети, Комисијата изготви два извештаја за процена на штети од поплавите, кои беа усвоени од Советот на општина Струмица на 23 март, односно на 7 мај, а истите беа доставени и одобрени од Второстепената комисија за процена на штети при Владата на Р.М.
Потенцираме, Комисијата има надлежност да постапува исклучиво според Законот за заштита и спасување како и Единствената методологија за процена на штети. Дополнително, на Комисијата и беше наложено да изврши повторна обработка на податоците и тоа овој пат според Законот за земјоделство и рурален развој, а во соработка со подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Струмица.

Иако дел од активностите излегуваат надвор од нејзината надлежност, сепак Комисијата за процена на штети ги спроведе се со цел граѓаните чии имоти беа поплавени да бидат побрзо и поточно обесштетени.

Имаме сознанија дека во средината на септември на поголемиот број од граѓаните кои имаа поднесено барање за процена на штета од поплавата од 23 јануари, им било исплатено обештетувањето, но само за штетите на земјоделските површини кои беа посадени.

Според наши сознанија проценките за обештетување се вршени во Бирото за судско вештачење во Скопје, а исплатени преку Агенцијата за финансиска подршка на земјоделието, додека од општина Струмица беа земени само основните податоци – вид на засадена култура, засадена површина и процент на оштетеност.

Што се однесува до проценката и исплатата на штетите на домаќинствата, покуќнината, помошните простории и инфраструктурните објекти како и штетите на земјоделските површини кои не беа посадени, истите не се земени во предвид, и од тие причини апелираме до надлежните државни институции и тие да бидат обесштетени.

Исто така, сакаме да ги информираме граѓаните дека Комисијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи при Советот на општина Струмица, ги спроведе сите активности за обработка на податоците од втората поплава, односно поплавата од внатрешни води која се случи на територијата на општина Струмица во периодот март – април 2015 година.

Сите потребни документи за обесштетување на граѓаните од штетите од оваа поплава се веќе испратени до надлежните институции во Скопје на понатамошна обработка и се надеваме дека во најскоро време ќе се изврши исплатата на средствата.

Напишете коментар