„Дискриминација: Како да ја препознаам и што потоа“

Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, учествуваше на трибината на тема „Дискриминација: Како да ја препознаам и што потоа“ која што се одржа во домот на АРМ во Струмица. Тој ги информираше учесниците на трибината за улогата на општина Струмица во заштитата од дискриминација и мерките кои што ги користи, нагласувајќи дека Општината е подготвена за решавање на проблемите на граѓаните од било каков вид на дискриминација.

-Почитувајќи ја еднаквоста, општина Струмица и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, првиот заеднички чекор го направија со потпишувањето меморандум за соработка во март 2016 година. Меморандумот беше во траење од 2 години и на основа на заклучоците од повторната средба која што со претставниците на ХЕРА ја имавмe во декември минатата година, одлучено е соработката да продолжи и потпишан е нов меморандум за соработка во април годинава. Со Меморандумот се обврзавме на спроведување заеднички активности за заштита од дискриминација во рамките на проектот „Заштита од дискриминацијата на локално ниво“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Партнери во спроведување на проектот се и Народниот Правобранител на Република Македонија, Министерството за правда, Комисијата за заштита од дискриминација и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. До сега, во рамките на проектот се спроведоа повеќе активности: истражување за проценка на потребите на локалните механизми за заштита од дискриминација, координативни состаноци, обуки за градење на капацитетите, студиска посета во Холандија и изработка на протокол на локално ниво за зајакната соработка помеѓу институциите во заштитата од дискриминација. Во овој процес особено се разви соработка на координаторот за еднакви можности на Општина Струмица со Народниот правобранител, граѓанските организации за заштита од дискриминација и Министерството за правда, како и со институции и организации кои на локално ниво во Струмица работат од различни аспекти за подобрување на состојбите за заштита од дискриминација, пристап до правда и еднакви можности. Како резултат на спроведените активности, во февруари 2017 година со одлука на Советот на општина Струмица формирано е Локално координативно тело со цел зајакнување на соработката помеѓу институциите, градење на проактивен пристап кон заштитата од дискриминација и еднаквите можности, зголемена комуникација и размена на информации и преземање на заеднички промотивни и превентивни активности, рече Јаневски.

Трибината „Дискриминација: Како да ја препознаам и што потоа“ се одржа во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Здружението за родова еднаквост „Родова перспектива“ со поддршка од „Цивика Мобилитас“