Денес е Сретение Господово

Празникот Сретение Господово се вбројува меѓу 12-те големи христијански празници. Овој празник секогаш се празнува 40 дена по Рождество Христово.

Според еврејските закони жената што родила машко дете се сметала нечиста 40 дена по породувањето, а таа што родила женско 80 дена. Потоа морала да појде во црквата и да даде јагне за откуп на гревовите. Сиромасите наместо јагне давале две грлици или два гулаби. Според овие обичаи и Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти. Во тоа време во црквата служел праведниот свештеник Захариј, таткото на св. Јован Крстител. Тој ја ставил Богородица на местото за девојките, а не за жените.

Во тоа време таму затекнала еден побожен старец по име Симеон кому претходно светиот дух му беше претскажал дека нема да умре сè додека не го види Спасителот.

Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана во црквата, востановен е празникот Сретение Господово, што секоја година се празнува на 15/2 февруари. Овој празник се празнувал од самиот почеток, но посвечено празнување е востановено особено од 544 година за време на царот Јустинијан.

Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него.

Напишете коментар