Започнува Карневалското лудило
Вечерва започнува детскиот маскембал каде ќе продефелираат најмалите учесници со своите маски,а од утре се очекува да бидат доделени наградите за најдобри литературни творби на тема карневал, истата вечер ќе се одржи традиционалниот „Концерт под маски“ што го организира Основното музичко училиште „Боро Џони“.
В петок е маскенбалот, каде што ќе се изберат принц и принцеза кои в сабота ќе ја предводат главната меѓународна карневалска поворка.
– Во делот на промените годинава укинавме некои категории каде последните години немаше или многу малку имаше интерес. Така, во категоријата музичка маска одамна немавме претставник, а слаба беше конкуренцијата во поединечна маска современа тема. Сега воведовме нови категории за да не ги изгубиме индивидуалните маски кои пред 15 години сочинуваа дури 80 проценти од сите карневалисти. Годинава озвучена ќе биде целата траса, а точките ќе бидат изведени и кај семафорите пред Глобал. Истовремено, нема да има нивно долго претставување за да имаме поголема динамика. Оваа година набавивме и многу современо осветлувања за подобар визуелен ефект, објаснува претседателот на организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.
Карневалските денови во Струмица траат и наредните три дена. Во понеделник, кој е познат како „чист понеделник“, традиционално ќе биде варен бел грав на градскиот плоштад. Во вторник ќе се одржи карневалското корзо, кога учесниците облечени во костумите ќе прошетаат до Домот на културата каде што ќе бидат прогласени најдобрите маски. Следната среда завршуваат карневалските прослави со тримерска трпеза и концерт на ансамблот „Тримери“.
Годинава на главната карневалска поворка треба да продефилираат најмалку 2.500 илјада карневалисти. Најмалку 500 ќе бидат од странство.