Заедно да ја пренесеме пораката на Лицата со Интелектуална Попреченост“
Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Струмица започна со реализација на проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“, кој е финансиски поддржан од општина Струмица, а во партнерство со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Скопје и Здружението за млади „АДОЛУС“ од Струмица.
Главната цел на проектот е интеграција и социјализација на лицата со интелектуална попреченост во пошироката општествена средина, согласно индивидуалните можности и способности на овие лица, а особено преку нивно поврзување со младите кои немаат пречки во менталниот развој. Преку проектните активности, членовите на „Порака“ заедно со ученици од основните и средните училишта, како и млади – членови на младински организации, ќе остваруваат заеднички активности и ќе работат на приближување на овие лица до секојдневните социјални, забавни и културни активности на младите, како и запознавање со образовните институции во општината, а со цел полесно запознавање со истите преку менторирање од страна на младите.
Проектот финансиски е овозможен од општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита на општина Струмица за 2015 година – трансфер до НВО, а се реализира во периодот од јули до декември 2015 година.
Главни проектни активности се: испитување на законските можности за остварување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и препораки за нивно унапредување; запознавање на младите и родителите на лица со интелектуална попреченост со правата и потребите на овие лица, преку средби, работилници, дебати и советувања; посета и запознавање со функциите и работата на образовни институции во општината; спортски активности; изработка на ракотворби и финална изложба на истите.