ЗА МНОГУ ГОДИНИ ПРАЗНИКОТ „ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ КРСТ“ (КРСТОВДЕН)

Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст – Крстовден се празнува на 27 септември (14 септември стар стил). На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим во седмиот век по Христа. Самото име на празникот, „Воздвижение“ значи Издигнување на Крстот над целата Вселена како знак на победа на христијанството над светот. Според правилата на Православната Црква, овој ден е строг пост, освен доколку се падне во сабота и недела, тогаш се пости на масло.Верувањето во Христа се повеќе се зголемувало а тоа на Римските пагански цареви не им одело во прилог, затоа усрдно се труделе да искоренат било каков спомен или сведоштво за светите места каде Господ Исус Христос пострадал, воскреснал и се вознел на небесата за спасение на човечкиот род.
Така на пример, римскиот пагански цар Адријан (117-138) наредил да се покријат основите на Голгота и на тоа место да се изгради храм посветен на Венера и идол на Јупитер. Паганите се собирале на ова место и принесувале жртви кон идолите. Сепак, по Божја промисла, светите места биле зачувани и откриени за почитување на христијаните. Со победата над Максенциј и Ликиниј, светиот цар Константин Велики рамноапостолен, го издал Миланскиот Едикт со кој го легализирал христијанството, забранувајќи ги прогонствата на христијаните. Извојувајќи три големи победи со Божја помош, светиот цар Константин го видел на небото Крстниот Знак, и под него било испишано: „Преку ова ќе освојуваш.“Обиколувајќи ја Светата Земја, светата царица Елена намислила да го побара Чесниот Крст на Христос. Во нејзината потрага, наишла на некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаел за местото каде што се наоѓал Крстот, па принуден од царицата изјавил дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигнал царот Адријан. Царицата наредила и го разурнале оној идолски храм, па копајќи во длабочина нашле три крста. Додека царицата била во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминувала поворка со мртовец.
Тогаш патријархот Макариј рекол да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. а кога го ставиле врз него третиот крст, покојникот оживеал. По тоа познале дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положиле врз една болна жена и таа оздравела. Тогаш го кренале крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пеел: „Господи помилуј!“ Старецот Јуда и другите Јудејци поверувале и биле веднаш крстени. Јуда го примил името Киријакиј и подоцна станал епископ Ерусалимски; во времето на владеењето на Јулијан Отпадникот (361-363) Киријакиј примил и маченичка смрт заедно со неговата мајка, св. маченичка Ана (нивниот спомен се празнува на 10 ноември). Царицата Елена направила ковчег од сребро и во него го положила Чесниот Крст. Потоа го продолжила своето патување по светата земја, посетувајќи ги сите важни места каде Спасителот поминувал, и градејќи околу 80 свети храмови. При враќањето во Цариград, понела дел од Чесниот Крст и шајките со кои Христос бил прикован на него.Подоцна, кога царот Хозрој го зазел Ерусалим, многумина ги одвел во ропство, а Крстот Господов го однел во Персија. Во Персија Крстот лежел четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победил Хозрој и со слава го повратил Крстот во Ерусалим.
Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носел Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застанал и не можел да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј видел ангел којшто му попречувал на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одел бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објавил на царот. Тогаш царот се соблекол, па босоног и во бедна облека го зел Крстот, го изнел на Голгота и го положил во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Напишете коментар