Воведение на Пресвета Богородица-Пречиста

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ПРЕЧИСТА

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот. Св. Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзината смрт да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак.

Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и Нејзе потоа Ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Неизмерна е љубовта, која Пресвета Богородица ја поседува кон нас, христијаните. Токму затоа, и ние треба да имаме неизмерна почит и љубов кон Неа. Оној, кој не ја почитува и уважува својата родена мајка, тој не е достоен да се нарече ниту човек, а кој не ја почитува и уважува Божјата Мајка, тој не е достоен да се нарече ниту христијанин. Дали може некој да рече дека има љубов кон Бога, а да нема љубов кон Божјата Мајка? – Наша должност е да се трудиме да ги исполнуваме нашите должности кон Пресвета Богородица, која постојано со Својата милост нè штити и која е наш застапник пред Божјиот престол. Нејзиното име постојано нека е врежано длабоко во нашите срца. Името на Божјата Мајка никогаш да не исчезнува од нашите усти. Нејзиното име да биде веднаш до името на нејзиниот пресладок Син, и тоа име прво да го изговараме кога легнуваме и кога стануваме од сон, кога влегуваме и кога излегуваме од нашиот дом, кога започнуваме или завршуваме секакво богоугодно дело. И во најголемата несреќа не треба да очајуваме, туку со срдечна молитва веднаш да се обратиме кон Божјата Мајка, па ќе најдеме избавување тука, на земјата, и ќе стекнеме Божја милост во вечниот живот на небото. Амин!

Напишете коментар