Ванчо Стојанов – Нераскажаната приказна за една македонска спортска легенда

Доколку имавте можност да го проследите отварањето на 31вите по ред Летни Олимписки Игри во Рио во раните утрински часови, сигурно со нетрпение очекувавте да го видите моментот кога ќе продефилираат нашите претставници од Македонија. Составот е од шест спортисти, меѓу кои и нашиот сограѓанин Ристе Пандев, како и претставници на Олимпискиот Комитет од Македонија, меѓу кои и тренерот на Ристе Пандев, уште еден струмичанец и поранешен атлетичар, Ванчо Стојанов.

vanco-pandev-podgotovki

Додека главното светло од медиумите деновиве е врз Ристе Пандев и тоа секако заслужено, оваа приказна би сакале да ја посветиме на Ване Стојанов, бидејки сметаме дека неговите досегашни успеси не беа доволно промовирани, иако се работи можеби и за најуспешниот спортист кој што Македонија некогаш го имала. Приказните на Ристе и Ване во голема мера се поклопуваат во почетокот на нивните тинејџерски години со трчање по полски патишта и огромна желба и мотивација за успех. Но никако не смее да се занемари фактот дека Ване Стојанов без тренер и подршка од атлетски клуб, успеа да го оствари сонот на секој спортист, учествувајќи на две олимпијади, Во Сиднеј и Атина, како и многубројни европски и балкански првенства. Она што е малку познато и интересно да се спомене за Ване, е почетокот на неговата животна приказна во есента 1993 година, на државното првенство во атлетика кој што се одржа на државниот стадион во Скопје. По интервенција на тогашниот претседател на Атлетската Федерација на Македонија, Чедо Шаревски, на Ване му беше дозволено да трча во финалната трка на 800 метри за сениори. Со неполни 17 години, без тренер и само дадени инструкции од Шаревски како да ја трча патеката минути пред натпреварот, без притоа никој да ги знае неговите можности, Ване Стојанов влезе втор во целта гради до гради со првопласираниот, но незванично бидејки трчаше вон конкуренција. После ова случување, атлетските работници од Македонија го забележаа неговиот потенцијал, а претседателот Чедо Шаревски, познатиот професор по атлетика на Факултетот за физичка култура и некогашен теренер на АК “Работнички”, лично дојде во Струмица во Ноември 1993 г. кога се основаше Атлесткиот клуб Струмица. Од тогаш Ване Стојанов почнува да ги нижи сите свои успеси, срушувајки ги сите рекорди во Македонија во 400, 800, 1000 и 1500 метри, рекорди кои дотогаш не беа сменети повеќе од 20 години. Рекордот на 1000 метри после цели 18 години беше сменет пред неполни 2 месеци од Дарио Ивановски, а оние на 400, 800 и 1500 м. остануваат и понатаму непредизвикани.

За подобро да ви го доловиме квалитетот на Ване Стојанов би сакале да издвоиме и еден цитат од блогот на Александар Кираџиев кој го опишува Ване Стојанов во време на своите најдобри денови:

Токму таа година, 1998, 25 Април, Ванчо Стојанов го истрча и официјалниот Национален рекорд на 1000м на стаза, кој гласеше 2:32.08. Искрен да бидам, почнав таа година, Јануари месец, но за само неколку месеци во Атлетиката, не се ни сеќавам, ниту сум знаел кој е, што е и што е тоа рекорд. Само се сеќавам на една интересна случка: беше извесен школски натпревар. Се трчаа 1000м. Стартната линија не се поднесуваше од ’лудаци’ тркачи. Пренабилдана! Стартуваше трката, Дане Јакимовски како по обичај летна напред, позади него Деан Талевски, Методија Зајков, Томче Михаилов, Данко Ангелевски и ред други позади нив, но иако трката веќе беше во тек, некој на стартната линија сеуште стоеше, односно клечеше. Тоа беше Ванчо струмичанецот. Клекна да ја врзе својата спринтерка, која наводно му се одврза при самиот старт, нагазувајќи ја ненамерно некој од конкурентите. Конкурентите поминаа околу 80-100м (не можам да се сетам со сигурност) од трката и Ванчо се исправи и стартуваше неговата трка. Ги стигна конкурентите и победи.
Сеуште не знам дали тоа го направи намерно, за да ја докаже неговата доминација или сериозно му се одврза врвката од спринтерката. Неважно.

 

Stojanov-Bolt

Во краткиот разговор преку Skype, веднаш после отварањето на Олимпијадата во Рио, Ване не можеше да ги скрие своите емоции за повторното учество на Олимпијада, овој пат во улога на тренер, но сепак со иста желба за успех на Олимпијадата и споделување на спортски дух . Во прилог ни испрати и две ексклузивни фотографии, едната со Ристе, а другата со светскиот тениски рекет број 2, Енди Мареј, со кој што го споделува своето хоби – играњето тенис.

 

Напишете коментар