Трим патеката во Банско повторно мета на вандали
Оштетени клупи и канделабри, таква е сликата на трим патеката во Банско, откако вандалите повторно дивееле уништувајќи го ова добро кое што е во служба на сите граѓани, љубители на природата. Претставници од Одделението за комунални работи на општина Струмица на лице место констатираа значително оштетување на опремата и тоа кај 7 клупи за седење делумно се оштетени дрвените елементи за седење, а кај некои воопшто и ги нема, на 34 канделабри констатирано е оштетување на стаклените поклопци и искршени се штедливите светилки, а кај една целосно е оштетен елементот за осветлување.
Ова не е прво уништување на опремата на трим патеката во Банско, таа досега во неколку наврати беше мета на вандалско однесување од кое јавноста е згрозена и бара да се откријат и казнат сторителите.
Од општина Струмица, апелираат до граѓаните, оваа трим патека да се чува и да се користи за намените за кои што е направена, бидејќи со вандалското однесување на поединци, губат сите, жителите на Банско, туристите и целата заедница.