Струмица домаќин на меѓународниот турнир во одбојка на песок
Струмица е домаќин на меѓународниот турнир во одбојка на песок на кој учествуваат натпреварувачи од Србија, Бугарија и Македонија.
По трет пат, покровител на оваа спортска манифестација е општина Струмица, а турнирот за отворен го прогласи претседателот на Советот, Јосиф Христов.
-Струмица нема плажа за одбојка на плажа, но Струмица има и песок и спортски дух и традиција за повторно да биде домаќин на меѓународен турнир во одбојка на песок, турнир кој се повеќе ги привлекува пасионираните љубители на овој атрактивен спорт. Згора на се, на Струмица и личи еден таков спортски настан, бидејќи градот кој дал клуб што бил во најелитното одбојкарско друштво во поранешна Југославија и кој е повеќекратен шампион и освојувач на купот во нашава земја, без сомнение е најодбојкарскиот град во Македонија. Се надевам дека Струмица и овој пат ќе го докаже тоа на најдобар можен начин. Во овие неколку изминати години, ова е трето меѓународно натпреварување во одбојка на песок во нашиов град, па затоа реални се очекувањата на струмичката спортска јавност па и пошироко, ваквите турнири да прераснат во една убава традиција. Општина Струмица по трет пат се јавува како покровител на ваква спортска манифестација со цврста решеност така да биде и во наредниот период. Со убедување дека одбојкарскиот клуб „Ветерани – Струмица“ ќе ја оправда довербата да биде успешен организатор на овој турнир, искрено се надевам дека трите дена исполнети со одбојка на песок во спортскиот центар „Партизан“ ќе бидат вистински празник на одбојката и на спортот воопшто. На сите сениори, младинци и ветерани од Србија, Бугарија и Македонија кои ќе земат учество на турнирот им посакувам убав престој во Струмица и добри спортски резултати, а на посетителите вистински да уживаат во атрактивноста на овој вид спорт. Пренесувајќи ви ги поздравите од градоначалникот Зоран Заев и неговите желби Струмица повторно да се гордее со успешна спортска манифестација, меѓународниот турнир во одбојка на песок го прогласувам за отворен, рече Христов.