Се одржа обука за диференцирано учење и индивидуализирана настава
Во рамките на програмата Инклузивно образование, која се реализира со поддршка на УНИЦЕФ, во соработка со БРО и МЦГО-Скопје, двајца претставници од ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица и еден претставник од општина Струмица, присуствуваа на тродневна обука за диференцирано учење и индивидуализирана настава во инклузивна училница. Обуката ја водеше д-р Едина Кромпак, универзитетски професор од Базел, Швајцарија. Во текот на неколкуте сесии, преку интерактивен пристап и креативни активности, беа опфатени повеќе теми кои се однесуваа на клучните елементи на диференцираната настава преку поддржувачка средина за учење, квалитетно планирање, организација на училницата, настава која одговара на разликите помеѓу учениците, соработката со семејството, колаборативното учење и давањето на писмена повратна информација за постигнувањето на учениците. Посебен осврт беше даден за учениците со посебни образовни потреби, со дискусија како да се подобрат однесувањето и социјалните вештини во училница. Општина Струмица во рамките на донесената стратегија за образование конкретно ја опфаќа поддршката за едукација и стручно усовршување на воспитно-образовниот кадар за потребите на соработката на воспитно-образовните институции и локалната заедница, со цел да се даде особен придонес за унапредување на градењето на процесите за комуникација со родителите, учениците, училишниот персонал и сите засегнати страни за подобрување на условите за изведување на редовната настава во основните училишта.