Се инсталира топловодно греење во училиштето во Просениково
Во основното општинско училиште „Герас Цунев“ од Просениково започна постапката за инсталирање на топловодно греење. Овој зафат се реализира согласно годишниот план за јавни набавки за 2016 година, како и согласно годишната програма за работа на директорот за учебната 2016/2017 година. Според директорот на училиштето, Ванчо Манолев, по пат на јавна набавка со барање за прибирање понуди, од пристигнати вкупно 5 понуди, на електронската аукција, согласно критериумот најниска цена, најповолна понуда достигна Проектантската монтажна инсталатерска задруга со ограничена одговорност „Енергомонтажа“ од Скопје и тоа 2.5 милиони денари со ДДВ.
-Целата оваа замисла немаше да биде остварлива без огромната морална и материјална поддршка од градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој несебично се залага за овозможување на реализација на вакви проекти, за што изразуваме голема благодарност, рече директорот Манолев.
Со реализацијата на овој капитален зафат, ќе се создадат попријатни и подобри услови за престој и работа за учениците и вработените во училиштето.