Ристо Ѓоргиев-Водоча – (не така) кратка историја
Сместено под пазувите на една од трите струмички планини, планината Еленица, на влезот во клисурата на рекичката Водочница, стои едно мало поспано селце. Мало, но историски важно, со векови им пркоси на историските несреќи и гордо се носи со сите лузни и белеци кои животот во секогаш живата струмичка котлина, без ни малку жал знае да ги нанесе.
Кога водочката приказна всушност почнува никој со сигурност не знае. Струмичката котлина е една од најстарите населени места на Балканот, почнувајќи уште од V милениум (петтиот) пред нашата ера. Уште од тоа време во месноста на селото Ангелци, цутела богата неолитска култура која по своите карактеристики припаѓа на Анзанбегово-Вршник ерата. Ваквата култура е типична за тој период на територијата на Македонија а името го добила од местата Анзанбегово – штипско и Вршник – виничко.
Типично за оваа култура е тоа што речиси сите населби од тоа време се лоцирани на благи падини, во близина на потоци. Оттука, лесно може да се заклучи дека селото можеби постоело уште од тоа време. Како изгледало можеме само да претпоставиме, но во оваа доба се градени куќи кои по форма се четвртасти и обично имаат една до две соби.
Куќите во таа доба се градени копир, а подот е задолжен. Во подоцната првата фаза на тој период, пронајдени се куќи и од тули. Очигледно, во Водоча луѓето секогаш сакале добро да се најадат, па во самите куќи пронајдени се и печки од кал. Во прилог на оваа теорија е керамиката од овој период која е често добро полирана, добро украсена и обоена. Типични за овој период е тоа што мртвите се закопувани надвор од населбите обично на спротивната страна од потокот и реката.
Специфично за оваа доба е тоа што духовните обележја кои се пронајдени укажуваат на култ кон Големата Божица Мајка, нешто што ќе остане карактеристично за овој регион се до денешен ден. Доказ за тоа што во периодот од 1018 до 1037 година ќе биде изградена е западната, мала крстовидна куполна црква посветена на Св. Богородица Елеуса и Воведение во манастирскиот комплекс Св. Леонтиј, а секако и манастирот во селото Вељуса, Св. Богородица Елеуса. Митот, за плодноста на Струмичката котлина продолжува да живее и преку Карневалот и легендата за Струма.
Како и реката Водочница, се тече се се менува, па така од неолитот полека поминуваме во антиката, доба во која овој регион е населен со Пајонци и бил дел од нивното царство. Пајонците се племенска организација која го населувала најголемиот дел од Македонија како и делови од соседните земји. По 550 г. п.н.е. Пајонците станале особено значајна сила и ќе продолжат да владеат со овој регион се до конечно освојување од страна на Филип II.
Првото писмено спомнување на овој регион се среќава во 429 год. пр. н.е. од страна на Тукидид во неговиот опис на Ситалковиот воен поход во Горна Македонија. Нешто подоцна се спомнува и пеонското племе Астрион, кое живее во градот Астрион, име кое што е добро познато како едно од првите имиња на градот Струмица.
Пајонците учествувале во процесот на формирање (етногенезата) на Античките Македонци, па нивната асимилација и претопување во Македонското античко кралство поминува без поголеми потешкотии.
Со конечното покорување и интегрирање на Пеонија во Макединија, Водоча, а и целиот регион станува дел од славата на Александар кој ќе ја прошири својата империја на три континенти.
Дали Водоча постоела во оваа доба е тешко да се потврди, но имајќи предвид дека Пајонците и Македонците, ја продолжуваат старата традиција да градат населби околу реки и потоци, многу е веројатно дека таа населба постоела или продолжила да постои.
Интересен податок врзан за овој регион е податокот дека Деметриј син на македонскиот крал Филип IV е убиен во градот Астрион, период кој по се изгледа бил доста економски продуктивен за овој регион во целина, што укажува на богата активност во плодната струмичка котлина.
Во овој период се бележи и преминот од култот на божицата Мајка кон култот на Сонцето, нешто што е типично за македонската нација. Интересни се и пронајдоци од овој период каде е претставен орел, симбол што подоцна, ќе биде многу влијателен, како во Римскиот, така и во Византискиот период.
За жал славата на Македонската држава брзо ќе згасне, а тоа ќе донесе нови бури на овие динамични простори. Со пропаѓањето на Античка Македонија новите господари на овој регион стануваат Римјаните.
Во 168 год. п.н.е Водоча станува дел од римската провинција Македонија. И покрај тоа што Римјаните владеат на оваа територија македонскиот карактер на населението ќе остане непроменет се до доаѓањето на словените. Една значајна промена е секако менувањето на топонимите со римски имиња па така од Астрион – Струмица ќе премине во Тивериопол. За тоа како се ословувала Водоча во оваа доба, за жал неможев да пронајдам податоци.
Промената на името во Тивериопол најверојатно се случила во III век, во чест на тогашниот патрон на градот Тибериј Клавдиј Менон. Оваа име ќе се задржи во употреба се до XI век, кога словенскиот топоним конечно ќе преовлада. За Водоча со сигурност се знае дека уште пред да биде прекрстено во добата на Самуил, се викало Милно, и веќе постоело на својата денешна локација.
Продолжува…