Поддршка на старт ап бизниси за млади
Во рамките на проектот „Општина по мерка на граѓаните“ имплементиран од страна на Општина Струмица во партнерска соработка со Фондација Отворено Општество – Македонија (ФООМ), е изработена локална Стратегијата за млади 2015-2020, со Акциски план за млади 2015-2017 година. Во рамките на одржаниот Граѓански буџетски форум на Општина Струмица за 2016 година на кој беа презентирани активностите од акциските планови, граѓаните на општина Струмица со своето партиципативно учество дадоа приоритет на имплементација на проектот за “Поддршка на старт ап бизниси за млади”. Со цел да се обезбеди соодветна поддршка за младите, со овој проект ќе се развие концепт за образовни обуки за пренесување на искуство, вештини и знаење. На тој начин ќе се овозможи избраните апликанти да ги развијат своите првични нацрт-бизнис идеи. Тематските обуки кои ќе бидат дел од обуката вклучуваат развој на бизнис и менаџерски вештини, маркетинг планирање, маркетинг комуникации и е-маркетинг, продажни техники, како и финансиски и правни аспекти на работењето на мали и средни претпијатија.
Со овој проект се планира 20 бизнис идеи да бидат развиени во бизнис планови, од кои 8 најдобри ќе бидат наградени од вкупниот фонд од 1 540 000денари придонес од Општина Струмица и Фондација Отворено Општество – Македонија (ФООМ).
На 8 јули, 2016 година, Општина Струмица потпиша договор со компанијата Knowledge Center од Скопје за организирање и спроведување на едукативни обуки за млади со цел реализација на овој проект. Knowledge Center ќе ги спроведе проектните активностите во рамки на Центарот за иновации – И-лаб.мк. И-лаб.мк е лабораторија за иновации во рамките на Knowledge Centar, создадена под покровителство на Централната Европска Иницијатива преку КЕП Австрија програмата за 2014-2015 година.
Во рамките на овој проект ќе биде објавен јавен повик на кој младите од Општина Струмица ќе имаат можност да аплицираат за образовни обуки и преку нив нивните бизнис идеи ќе бидат развиени во бизнис планови, и најдобрите од нив ќе бидат наградени.
Проектот е планиран да трае од јули до октомври 2016-та година.