ПЛАТФОРМА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА И МРЕЖА 23
ПОВИК ДО ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ ЗА ТРАНСПАРЕНТЕН И ПАРТИЦИПАТИВЕН ПРОЦЕС НА ДОНЕСУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ
ПОВРЗАНИ СО ДОГОВОРОТ ОД 2 ЈУНИ И 15 ЈУЛИ 2015 г.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Мрежата 23 упатува повикдо сите вклучени страни во процесот на донесување одлуки за прашањата утврдени во Договорот на политичките партии и неговиот анекс за отвореност, транспарентност и вклучување на граѓанскиот сектор и сите засегнати страни.
Ние, организациите членки на овие две мрежи, сметаме дека спроведувањето на договорот е императив. Во овие клучни моменти за иднината на нашата земја, неопходно е вклучување и придонес на граѓанскиот сектор, на сите засегнати субјекти, во процесот на изнаоѓањето на решенијата и донесувањето на одлуките.
Поаѓајќи од демократските вредности кои ги споделуваме, имајќи ја предвид улогата на граѓанскиот сектор да следи и набљудува, да обезбеди пошироко вклучување на засегнатите субјекти и граѓаните, како и капацитетот и стручноста коиги поседуваме, како граѓански организации се залагаме за:
- Одговорно однесување на сите политички партии;
- Објавување на Нацрт-акцискиот план на Владата за реализација на Итните реформски приоритети на Европската комисија, кои произлегуваат од Извештајот на експертската група на ЕУ;
- Овозможување граѓанските организации да ја следат работата на Собранието во периодот од 1 септември до неговото распуштање преку учество во комисиски расправи, како и наорганизирани јавни дебати за Акцискиот план и прашањата кои произлегуваат од него;
- Јавноста да биде информирана за работата на работните групи на политичките партии кои одлучуваат за мерките предвидени во Договорот преку усогласена изјава од нивна страна објавена по секоја средба;
- Процесот на дефинирање на улогата на специјалниот јавен обвинител да биде транспарентен со вклученост на сите засегнати страни.
Дополнително од наша страна ќе направиме и нудиме:
- Наша експертиза и бројни анализи, извештаи и публикации соодветни за прашањата од Договорот на политичките партии, како и Итните реформски приоритети;
- Следење на спроведувањето на Акцискиот план со редовни седмичниизвестувања за напредокот во спроведувањето;
- Следење на работата на клучните независни и регулаторни тела како: Судскиот совет; Совет на јавни обвинители; Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудио визуелни медиуми; и сл.
- Следење на постапките по предметите кои се надлежност на работата на специјалниот јавен обвинител, како и други предмети значајни за Итните реформски приоритети.
Свесни за сопствената одговорност уверуваме дека будно ќе ги следиме спроведувањето на Договорот меѓу политичките партии како и Итните реформски приоритети, а пристапот ќе ни биде конструктивен и независен.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации. Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.
Мрежата 23 е мрежа на 11 граѓански организации, основана во јули 2015 година. Мрежата настојува да се поттикне јавната дебата во Република Македонија за прашањата од областа на правосудството и на темелните права, покриени со Поглавјето 23 од пристапувањето во ЕУ, да се обезбеди влијание врз јавните власти и пошироката јавност, врз основа наистражување и на застапување базирано врз докази и аргументи, како и да се овозможи граѓаните да имаат свој збор во клучните прашања на демократијата и владеењето на правото.
За повеќе информации во врска со рекацијата можете да ги контактирате Марија Саздевски на телефон: 071/289-217или на е-маил: [email protected]и Александар Јованоски на телефон: 02/3280-100 или на е-маил: [email protected].
Скопје, 31.8.2015 г. | Платформа за борба против корупцијата Мрежа 23
|