Општина Струмица се вклучи во Европската недела на мобилност
Од денеска почна Европската недела на мобилност – Избери, Промени, Комбинирај, во која е вклучена општина Струмица, а е проект на ЕУ во кој партнери во активностите се Европската делегација во РМ, ЕУ Инфо центарот во Скопје и МЖСПП. Овој проект на ЕУ секоја година се спроведува преку кампањи за одржливост на мобилноста во урбаните средини. Целта на кампањата е да се воведат и промовираат нови алтернативни мерки за транспорт кои ќе бидат одржливи и ќе придонесат кон намалување на загаденоста на животната средина и подигање на свеста кај граѓаните за употребата на автомобилите и намалување на штетните емисии на гасови во воздухот.
За таа цел Општина Струмица посебен акцент ќе стави на 22 септември – Ден без автомобили, кога ќе се затвори една сообраќајница во градот за движење на велосипедисти, пешаци или јавен транспорт. Со тоа ќе упатиме силна порака дека автомобилите треба да се користат одговорно, со избирање на „паметен” начин на транспорт, што би значело да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење и да се овозможи зачувување на почиста животна средина, редуцирана бучава, подобрено здравје и заштеден семеен буџет. Активностите кои ќе бидат спроведени се однесуваат на мерките пристапност до јавен транспорт, пешачење и возење велосипед .
Општина Струмица ги поканува граѓаните да бидат дел од велосипедската поворка на 22 септември на плоштадот „Гоце Делчев“ со почеток во 10 часот за заеднички придонес во подигањето свеста на граѓаните за важноста на одржливата мобилност во урбаните средини и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.