о.Струмица е на врвот меѓу општините во државата за транспарентост и отчетност
Струмица е на врвот меѓу општините во Република Македонија по својата транспарентност и отчетност, потврдено во поголем број истражувања спроведени од повеќе институции и организации. Транспарентноста и отчетноста од секогаш биле приоритет за градоначалникот Зоран Заев и општинската администрација. Во интерес на овој приоритет, група од десет вработени учествуваа на тридневната обука на тема „Буџетска транспарентност и отчетност“ која што се одржа во Велес, а во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните.
Отворањето на вратите за граѓаните во буџетскиот процес е битен чекор за демократизирање на владеењето во локалните самоуправи, бидејќи со тоа им се овозможува на граѓаните активно да учествуваат во процесот преку истакнување на нивните потреби и приоритети во текот на предложување на буџетот, а истовремено со тоа се зголемува интересот кај нив да надгледуваат како се реализираат нивните идеи и како се трошат јавните пари. Целта на обуката беше утврдување на нивото на буџетска транспарентност и запознавање со нови практики и механизми за уште поголема отчетност. На обуката учествуваа и претставници на општините Струга и Центар и на Центрите на заедницата во трите општини.
Општина Струмица десет години успешно го практицира партиципативното учество на граѓаните во носењето на буџетот, прво, преку собирите со граѓаните во месните и урбаните заедници, а во последните години преку Форумите во заедницата. На овој начин Општината е партнер со граѓаните и заедно создаваат услови за подобар живот во неа.