Новогодишно обраќање на градоначалникот Зоран Заев до граѓаните на општина Струмица
Почитувани сограѓани
Во моментите кога ги одбројуваме последните часови од годината со која наскоро ќе се збогуваме, мора да знаеме дека секој крај е само најава за нов почеток, а секој нов почеток е нова животна шанса, нов предизвик, нова можност која треба да се искористи.
Во бројчаникот на нашите животи додаваме уште една бројка плус, свесни дека она што поминува никогаш повеќе нема да се врати. Репризите се возможни само на телевизија, а во нашиот животен серијал ние сме дел од нови и нови епизоди. Какви ќе бидат тие, зависи од нас и од нашата умешност да ги совладуваме бариерите на времето во кое живееме. Мора да знаеме дека животот е краток и не смееме да го потрошиме бадијала, ниту пак треба да дозволиме некој друг да го троши во наше име. Животот е само наш и само еден. Но, во исто време, имаме нешто што е заедничко. Заедничка ни е општината во која живееме, заедничка ни е Струмица, заедничка ни е Република Македонија. А тоа што е заедничко, треба заеднички и да го чуваме, негуваме и надградуваме, за утре-задутре да им го оставиме во наследство на нашите поколенија.
Драги сограѓани, изминува 2015 година која по многу нешта беше многу сензитивна и исклучително тешка. Беше тоа година на сложени предизвици, одлуки и ангажмани. Беше тоа година на откривање на грдото и суровото лице на нашата реалност. Во такви околности, воден од своите морални, правдољубиви и родољубиви принципи , се одлучив да поведам исклучително тешка политичка, а пред се човечка битка за вистината, слободата и демократијата . Среќен сум што таа битка која и натаму продолжува, чекор по чекор, ги дава своите посакувани резултати, како предуслов за конечен триумф на праведноста. Таа битка ме принуди на чести отсуства од општината, кои морав со надчовечки напори да ги надоместувам во нестандардни термини. Поради таквите дополнителни ангажмани, но и поради професионалното, свесно и максимално ангажирање на општинската администрација, Струмица и годинава одбележа уште една успешна година во својот развој. И додека другите општини мака мачеа со своето тековно работење, а нивните образовни и други институции се гушеа во долгови кои од ден на ден се повеќе растат, нашата општина и понатаму остана единствената незадолжена во државата, а средните и основните училишта опстојуваат во своето работење без ниту еден денар долг. Притоа, во 2015 година беа успешно реализирани бројни капитални проекти, меѓу кои имаше и такви кои не беа наша, туку обврска на највисоките институции во државата. Колку и да беше тешко да се одработуваат туѓи задачи, сепак беше задоволство да се направи ободниот канал, оти истиот им беше неопходен на НАШИ сограѓани…задоволство беше да се реконструира училиштето во Свидовица, оти НАШИ деца учат во него. Задоволство беше да се реализираат и стотици други општински проекти кои значително им го подобрија животот на НАШИТЕ сограѓани.
Беше многу тешко да се работи на две полиња, но зарем можеше, зарем смееше поинаку ? Не можев против својата волја, да бидам рамнодушен кон состојбите кои ни ја разболеа државата и нејзините граѓани? Водејќи ја таа беспоштедна битка, не можев да водам инает со сопственото срце и душа, па да ја оставам општина Струмица и сите нејзини граѓани во милост и немилост. Едно без друго, едноставно не беше можно. Така мораше да биде и никако поинаку. На крајот на краиштата, зарем Струмица не е дел од Република Македонија, зарем струмичани не се нејзини граѓани и не ги печат истите рани од истите неправди, како и сите останати. Затоа, чувствувам огромна потреба да ви се заблагодарам за разбирањето и целосната поддршка.
Почитувани сограѓани, пред нас е исклучително важна година, не поради тоа што ќе биде престапна, туку поради предизвикот што ни го носи тестот на нашата мудрост и зрелост. Годината сама по себе, нема да ни донесе ништо значајно, ако ние самите не се погрижиме да ни биде поубава, порадосна и поспокојна од претходните. Што ќе ни е убава и напредна општина Струмица, ако во неа живеат несреќни, потиштени и сиромашни граѓани со згаснета желба да уживаат во убавините на својата родна грутка. Затоа, Новата година ни нуди извонредна можност за свртување нова страница во нашите животи, граѓанска страница која сите ја заслужуваме. Таа страница треба заеднички да ја креираме, заеднички да ја испишуваме и заеднички да ја доживуваме. Само така ќе ги возобновиме насмевките на лицата, само така ќе го воскреснеме човечкото достоинство, само така ќе ги вратиме хармонијата, топлината и среќата во сечиј дом.
Бидете живи, здрави и свои. Бидете истрајни во верата, љубовта и надежта за поубаво утре. НЕКА ВИ Е СРЕЌНА И БЕРИЌЕТНА НОВАТА 2016 г. И НЕКА ВИ БИДАТ БЛАГОСЛОВЕНИ СИТЕ ИДНИ ПРАЗНУВАЊА.