Митрополит Струмички Наум: Знаењето погордува (и разградува), а љубовта гради
Треба да правиме голема разлика помеѓу знаењето за Бог научено само со разумот и знаењето на умот за Бог во срцето усвоено. Зашто, ако останеме само на првото знаење, ќе станеме победни (и поштетни за Црквата) дури и од демоните – тие, на пример, исто така знаат дека постои Богородица и Секогашдева Марија и се тресат при помислата на Нејзиното име, а кога го слушаат, бегаат; додека, пак, ние исто така го изговараме Нејзиното име во молитвата и не плачеме (барем со внатрешен принуден плач, ако не со видливи солзи), ниту се покајуваме за своите гревови.
Значи, да го парафразирам светиот Старец Софрониј, едно е духовното знаење што произлегува од љубовна заедница со Бог во отвореното срце, односно од просветленоста на умот преку умно-срдечната молитва, а друго е знаењето (схоластичко) што го добиваме само од читање теолошки и други книги. Едното нѐ прави соучесници во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот, а другото постепено нѐ прави демоноподобни (да, убаво чувте). Резултатите од второто ги гледаме насекаде околу нас.
Знаењето од читање – со талент и малку труд се стекнува, додека за знаењето што произлегува од заедницата и познанието на Бог во срцето е потребен континуиран подвиг согласно преданието на Светите Отци на Црквата, односно потребно е да го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓаме. Ова восогласување, и само ова, ни овозможува да го ставиме умот во процес на исцеление.
Со наједноставни зборови кажано: потребно е целосрдечно послушание кон духовниот отец во Црквата (непоистоветување со битни помисли, желби и чувства без да се проверат со него) за воопшто да можеме да зборуваме за влез на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите; послушание што трае сѐ до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва, но не и потоа. Нема послушание кон човек после дарот на умно-срдечната молитва, освен административно – кон локалниот епископ или кон Црквата, ако е потребно.
Во стилот на она што во последно време ве поучувам, би рекол – момент на пресврт во нашиот духовен живот се случува кога едната енергија, која умот ја користи во своите две функции, доволно ќе се очисти и преобрази (преку примарната функција на умот) и ќе се соедини со својата суштина во срцето – соединување што Отците на Црквата го нарекле умно-срдечна молитва. Од овој момент двете функции на умот делуваат како една, а пресудното влијание на дуализмот во нашиот живот престанува.
Ќе речете дека владиката, или отецот, или дедо Наум, или само Наум (кој како ме вика) се повторува. Да, јас се повторувам за ваша полза, но и вие истото го правите – ама на ваша штета, односно повторно не плачете – слушајќи ги и читајќи ги поуките на својот духовен отец. А ако не плачете, речиси сигурно ме ставате и под својот суд и речиси сигурно тоа го криете од мене – плашејќи се да не ви го земам тоа што сум ви го дал, а за кое знаете дека немате внатрешно духовно покритие да го имате. Изумувате дека никому ништо не сум му зел откако веќе еднаш сум му го дал – сами го отфрлале даденото, додека не се покајале. Проблемот е што не сте ни задоволни од тоа што го имате, па и уште повеќе барате. Зашто, нели, вие знаете најдобро како сѐ треба да биде, подобро и од мене…
Ајде да си го провериме нашето умислено знаење со светоотечкиот опит: ја кажуваме молитвата „Богородице Дево, радувај се благодатна Марие“, или „Господи Исусе Христе“, или „Оче наш“, и не плачеме – зашто сме застанале на молитва да бараме, а не да дадеме. Наместо да внимаваме и да заплачеме на зборовите со кои се дава и прославува: „Богородице Дево“, „Господи Исусе Христе“, „да се свети Името Твое“, ние, и кога внимаваме, бесплачно ги потенцираме зборовите со кои се бара: „зашто си го родила Спасителот на нашите души“, „помилуј ме грешниот“, „лебот наш насушен дај ни го денес… прости ни ги… избави нѐ…“ итн. Не говорам дека тие зборови се непотребни, говорам за Духот во Кој правилно се кажува молитвата.
Или, приоѓаме за причест со Телото и Крвта Христови и не плачеме. Не плачеме само поради тоа што доаѓаме да земеме, а не да дадеме. А на таков начин доаѓаме само затоа што животот ни се претворил во незадоволство и барање, наместо во благодарност и давање.
И внимавајте повторно да не си помислите дека сега, откако чувте или прочитавте, веќе знаете. Правилниот подвиг на степенот од очистување на срцето од страстите подразбира – покајание (преумување) и плач. Отсуството на плачот и солзите е сведоштво на Духот во нас дека се случило отпаѓање од вистинскиот пат. А плачот и солзите, пак, поради нашата оддалеченост од Бог и Богородица, се единствениот знак дека нешто од нешто сфаќаме и знаеме.
Забележавте, прво се потсетивме колку е високо поставен светоотечкиот критериум на вистинското знаење и познание на Бог, а потоа, говорејќи за правилниот однос кон духовниот отец, за плачот и солзите, како и за Духот во Кој се кажува молитвата, всушност, направивме проверка дали воопшто се наоѓаме на првиот степен од духовниот развој – од кој многу лесно се отпаѓа; сѐ со цел да се отрезниме од прелеста во која, кој повеќе – кој помалку, се наоѓаме и да се покаеме.
Митрополит Струмички Наум
извор- Премин Портал