Митрополит Струмички Наум- Пресвета Богородице, спаси нѐ
Севкупниот Домострој на нашето спасение е дело на нашиот Бог – Света Троица, од Отецот, низ Синот, во Светиот Дух. Овој Домострој е Христоцентричен (исто како и нашиот живот во Црквата) поради воплотувањето на Синот Божји од Дева Марија и Светиот Дух, Кој стана и Човек – Богочовек, како и поради сето она што Он го направи за нас и нашето спасение. При сето ова, најбитно за нас е дека човечката природа, воипостазирана (прифатена) и обожена во Синот Божји – Исус Христос, не е потисната од Неговата Божествена природа, туку напротив, Бог преку обожението го гарантира нејзиното сопствено човечко совршенство и полнота, како и нејзината едносушност со севкупниот човечки род.
Обожението на човековата природа во Синот Божји – Богочовекот Исус Христос, е основа на обожението на секој човек кој тоа го сака, во Црквата како Тело Негово – со учество во нејзините свети Тајни и Добродетели. Треба да го знаеме и тоа: иако велиме дека, во процесот на обожението, нашата и Божјата природа заемно се проникнуваат, ние сепак знаеме дека проникнувањето бива од страна на Бог, Кој со Своите несоздадени енергии ја проникнува и обожува човечката природа. Затоа Бог е единствениот наш Спасител и никој друг. Човек не може да спаси човек.
Но, битен е и начинот на нашето спасение. Нас не би нѐ спасил Богочовекот Исус Христос доколку после целиот Домострој на нашето спасение само се вознел на небесата и седнал оддесно на Отецот, во тело, туку Он нѐ спасува, како што веќе спомнавме, во Црквата како Тајна на Неговото Тело, чија Глава е Он, а ние – органски делови на тоа Тело кои ја содржат целината. Сето тоа, пак, ни го овозможува своеволното симнување на Светиот Дух Господ врз Неговите ученици – посебно врз Апостолите, кои први го сочинуваат тоа Тело. Ова е јасно.
Секогаш треба да се внимава на сотириолошките (спасителните) последици на она што се тврди во теологијата. На пример, дали погоре реченото го нарушува основниот православен принцип на Божјата и човечката слободна синергија во Црквата? Односно, дали ја нарушува нашата Боголикост, нашата слобода? Одговорот е – не! Точно е дека Бог сѐ направи – за нас и наше спасение, но ништо од тоа што го направи не ќе беше возможно без Нејзиното „да“, без Нејзината согласност. Ова тврдење го отвора прашањето и за местото и улогата на Пресвета Богородица во процесот на нашето спасение. Секако, нашето спасение не е можно и без нашата лична и слободна согласност, колку и да сакаат Бог и Богородица да нѐ спасат, но тоа е друга тема.
Секогашдева Марија зачнала Ипостас (Личност) – на Синот Божји, сочинета од две природи, Божја и човечка. Пресвета Богородица и Секогашдева Марија раѓа токму ваква Ипостас, во нејзината нова состојба на сложеност. Богочовекот Исус Христос е единствен субјект на раѓањето – се раѓа Некој, а не нешто. Не постојат два сина, туку само две раѓања на истиот Син. Едното – предвечно и бестелесно од Отецот, како начин на постоење; другото – од Пресвета Богородица, во тело и во време. Оттука произлегува и вистинитоста и значењето на името Богородица. Ова име ја содржи целата тајна на Домостројот на нашето спасение – ако мајката, од човечки род, е Богородица, тоа е затоа што Нејзиниот Син е сигурно Бог и сигурно Човек. Одбивањето да ја наречеме Секогашдева Марија – Мајка Божја, и одбивањето да ја почитуваме правилно, значи отфрлање на тајната на воплотувањето – и на сите последици од него. Меѓу кои и нашето спасение.
Од погоре напишаново гледаме дека местото и улогата на Пресвета Богородица во Тајната на нашето спасение е толку битна што кога би се обиделе мисловно да Ја изоставиме Богородица од Црквата, како Богочовечки организам во кој се спасуваме, ќе видиме дека ништо нема да остане од него и од нашето спасение. Истово не важи за кој било друг човек или ангел, не важи за никој создаден.
Какво тоа место и улога, преку својот слободен и љубовен подвиг, си обезбеди Пресвета Богородица во Божјиот Домострој на нашето спасение? Прво, Она стана нашиот единствен совршен дар на Бог; второ, нашата слободна и љубовна синергија со Бог совршено се оствари во Неа; трето, со Нејзиното „да“ на Бог го овозможи и нашето спасение; четврто, Светиот Дух Господ само поради Неа се симна меѓу нас; петто, Нејзината позиција како Богородица е таква што само преку Неа го добивме на дар нашиот Спасител – Богочовекот Исус Христос, како и секој совршен дар Божји потребен за наше спасение, но и секој наш дар за Бог, Он само преку Неа го прима; шесто, ние сме Нејзино тело и крв, односно Христови браќа по благодат, и Нејзини и деца Божји; и седмо, Она е Негова Мајка, Која Он заповедал да се почитува, а најголем израз на тоа почитување е Неговата љубов кон Неа, односно Неговото послушание кон Неа, итн. Затоа и веруваме дека ако и најголемиот грешник (Нејзино дете) искрено Ѝ побара да го спаси, ќе биде спасен поради Нејзиното барање пред Христос Бог.
Оваа наша доверба кон Богородица, како што видовме и како што знаеме, е поткрепена од севкупното Предание на Црквата, покрај догматското, и од Житијата на светиите (колку само примери во нив може да најдеме), делата на светите Отци, животниот опит, како и богослужбената пракса на Црквата насекаде во светот, на Света Гора и кај нас.
Вообичаено кон Бог се обраќаме со зборовите – помилуј ме, како единствен нормален однос меѓу создадените и Несоздадениот; и илјадници маки да претрпиме, во Негова слава, не нѐ прават достојни за спасение – само Неговата милост нѐ спасува. Вообичаено кон светителите Божји се обраќаме со молитвата – моли Го Бог за нас! Само кон Богородица, во свеста и совеста на Црквата, а поради Нејзиното посебно место како Мајка Божја, вообичаено и благочестиво останало да Ѝ се обраќаме со зборовите – спаси нѐ! Кога и каде се обраќаме, веќе не е битно.
Ова е пример за целовито гледање на светото Предание, а не парцијално – за што говоревме во минатата беседа. Ова е дело на Духот што оживува, а не на словото што убива. Нема благочестива негациска споредба меѓу двајца кои еден без друг не би биле тоа што се – меѓу Богочовекот Христос и Неговата Мајка, Богородица. Битно е Кој нѐ спасува, но битен е и начинот на нашето спасение. Христос е Љубов, но и Пат.
Пресвета Богородице, откако веќе единствената Ти овозможи спасението да е достапно за сите нас, сега и спаси нѐ – без Тебе изгубените! И прости…
Митрополит Струмички Наум
Преземено- Премин Портал