Митрополит Струмички Наум- Никогаш човек не говорел така како Овој Човек
Никогаш човек не говорел така како Овој Човек (08.06.2020 15:44)
Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“ А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек“.
Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но, овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7, 45–49).
Еве уште едно евангелско четиво во кое јасно го забележуваме судирот меѓу словото на законот и духот на словото – во сила; меѓу формата и суштината; меѓу институцијата и харизматичната личност; меѓу формата на стариот завет и Духот на Новиот Завет; меѓу лажните пророци и Вистината Христос; меѓу секундарната и примарната функција на умот; меѓу дуализмот и исцеленоста; меѓу схоластицизмот и православниот духовен опит; меѓу болната логика и здравата мистика; меѓу затемнетоста и просветленоста; меѓу паднатата природа и Светата Тајна; меѓу номичноста и антиномичноста.
Ќе го истолкуваме малку антиномично:
Гледаме дека кога некој со слово во сила го допира човековото срце, тогаш човек престанува да дејствува според плановите на својот разум или зададените задачи или колективните несвесни шеми, и почнува да дејствува според своето ново, преобразено чувство и според својот разум – кој го прифаќа новото чувство и новото сознание. Слугите одбиваат извршна наредба, и тоа во очи им го кажуваат на првосвештениците и фарисеите, без свесност за страв; како нешто најнормално да им пренесуваат. Гледате ли зошто ви велам дека прво треба преку умно-срдечната молитва да допреме до своето срце, па потоа преку преобразената и просветлена мисла, преточена во слово со сила, да допреме и до срцето на другиот?
И да немаш просветлен ум, можеш да проповедаш, ако имаш соодветен чин и послушание, но само свесноста за твојата непросветленост му дава смирен дух и тон на твоето слово и одредена продорност. Се лажат оние кои проповедаат од распалена крв и еуфорично понесен разум дека таа состојба не се забележува и дека кажаното ќе им трае. Популизмот, односно душевноста, е за кратка патека и за краток здив. За душевноста да даде некаков формален резултат потребни се емотивен момент, масовност и голема надмоќ на нејзина страна. Но, душевноста, и да е поврзана со тие услови, не може да даде резултат што суштински би сменил нешто. Што суштински им смени на првосвештениците, фарисеите и книжниците што Го распнаа и убија Богочовекот Христос?
Јасно ли ви е сега зошто лажните пророци не успеваат и зошто, на тој начин, никогаш нема да успеат?
А денес, гледаме, доста се намножиле лажните пророци, ама изгледа и малку слична на нив, или наивна, публика. Како ги препознаваме најлесно? Ја поткопуваат довербата во одлуките, како и во самиот Свет Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Ја поткопуваат довербата кон нашиот Поглавар. Или, читањето на кажаното од нив предизвикува темнина, страв и збунетост; итн. Посебно, затоа што тоа го прават во време на војна против нас. Нормално, нема да успеат, но секој нека се чува од соучество во предавството на Јуда.
Но, да ги оставиме лажните пророци на Божјиот суд. Што треба да знаат верните христијани? Синодот, како и самата Црква, е составен од луѓе што можат да згрешат – значи, грешни луѓе, но сите заедно, на Светата Литургија се едно свето тело – Тело Христово. Неговите одлуки, кои понекогаш поединечно се тешко разбирливи, сепак, сите заедно, во свое време, си носат плод, затоа што, сепак, низ Црквата дише Светиот Дух Господ и Он се грижи за Неа, и никогаш не ја напушта. Па, во тоа и се содржи Тајната на Црквата. И на Самиот Свет Дух Му помагаме ако сите си го чуваме своето единство со, и доверба во, своите Епископи кои го сочинуваат Светиот Синод. Просто, единството на и со Светиот Синод не смее да се наруши, како и послушноста кон него. И, едно е да го градиш тоа единство, а друго е да го растураш.
Лојалноста кон својот Епископ и Свет Синод, и подвигот за единство со нив, подразбира и игнорирање на лажните пророци: ниту ги следиме, ниту ги слушаме, ниту ги споделуваме нивните пораки, ниту им даваме поддршка, ниту пак, влегуваме во некаква дискусија со нив. Особено ако немаме личен критериум за проценка на нивната дејност, односно ако немаме просветлен ум – со дарот на умно-срдечната молитва. Значи, ако на кој било начин им даваме свесна или несвесна поддршка, ние и дополнително ги разболуваме, односно го храниме нивното религиозно растројство на личноста, т.е. религиозната социопатија. Лојалноста, довербата и Литургиското единство (можноста за Причест) со својот Епископ подразбираат и дека само од него очекуваме општи насоки за дејствување, и од никој друг, па колку и да е свет тој другиот. На пример, без благослов од нашиот Епископ не можеме да пренесуваме и правиме нешто што некои го побарале, да речеме, од Света Гора.
И денешните лажни пророци сакаат да се единствени толкувачи на словото на Законот, за кога ќе им биде потребно, да го спротивстават на духот на словото. Затоа што, самото слово може и различно да се толкува. Но, тие забораваат дека словото во сила не се толкува – тоа е извршно: секој добронамерен човек го слуша словото, го прифаќа во своето срце со смиреност и го исполнува. На ова се однесува и светоотечката поука: на едно слово може да му се спротивставиме со друго слово, но на делото не можеме со слово. Духот на словото, пак, најмногу се содржи во запишаниот опит во делата на Светите отци. На лажните пророци не им одговара и познавањето на словото од запишаниот опит на Светите отци, затоа што во тоа знаење не можат да ја скријат својата отпаднатост, својата неопитност и својата лажност.
На денешните лажни пророци, посебно не им одговара теоретското и опитно познавање на степените на духовниот развој, како и познавањето на границите меѓу степените на духовниот развој. И не им одговара теоретското и опитно познавање на степените на душевното разболување, како и познавањето на границите меѓу степените на душевното разболување. Затоа што, тоа знаење на сите ни овозможува да се видиме каде сме, но ги отвора нашите очи, донекаде, да видиме и каде се другите. Посебно, да ги препознаеме лажните пророци.
Сепак, тоа знаење ни е неопходно: само тоа ни овозможува да го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата; само тоа знаење ни овозможува православен живот, односно живот во Вистината...
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум