Мартин Динев од СОУ „Никола Карев“ освои златен медал на Олимпијадата по експериментална Физика
Мартин Динев ученик во прва година во средното општинско училиште „Никола Карев“ го освои првото место и златниот медал на третата средношколска Олимпијада по експериментална физика која што се одржа во Куманово, а на која што учествуваа 123 ученици од сите земји во регионот. Ова беше единственото прво место од средните и основните училишта од вкупно три награди освоени од ученици во Република Македонија.
Бидејќи ова е најголем успех досега забележан на ваков интернационален натпревар претседателот на Друштвото на физичари професорот Стојан Манолев наградата на ученикот Мартин Динев ќе му ја додели лично в четврток во просториите на училиштето „Никола Карев” во Струмица. Од ова училиште на Олимпијадата учествуваа шест ученици, тројца од прва година и тоа: Дарко Милев, Мартин Динев и Бобан Тушев, како и тројца ученици од втора година и тоа: Софија Ѓорѓиева, Илија Узунов и Ѓорѓи Ѓузелов. Со учениците, кои напорно се подготвуваа еден месец, како ментори работеа четворица професори и тоа: Никола Делевски, Бошко Николов, Марија Мучева-Георгиева и Елизабета Ѓотева.
Натпреварувачите на Олимпијадата работеа по дадена експериментална задача за истражување на електрични појави, заради што учесниците мораа да имаат практични вештини за работа со волтметри, отпорници, потенциометри, батерии, мерење на зависност меѓу струја и напон и да можат да обработуваат експериментални податоци со калкулатор. Секој ученик беше оценет во одредена возрасна група, според учебникот по кој учи, односно според изучување на учебниот материјал или поточно за секоја возрасна група.
Целта на Олимпијадата беше решавањето на експериментална задача да помогне во доближувањето на физиката до учениците и зголемувањето на интересот за физика и подобрување на образованието по физика, стимулирање и мотивирање на вклучените ученици да го продолжат своето образование во сродни области на науката и техниката, за заживување на кабинетската настава по физика и професионален развој на наставниците по физика.
Паралелно на Олимпијадата се одржа и семинар со наставниците, квалификациски курс на тема „Подготовка на учениците за меѓународни олимпијади и основни експериментални вештини во наставата во средното образование по физика”.
Третата средношколска Олимпијада по експериментална физика – Ден на отпорници се одржа во организација на софискиот клон на Сојузот на физичарите во Бугарија во соработка со регионалното здружение на физичари – Струмица и Друштвото на физичарите на Република Македонија.