Крстовден – празник на пост и покајание
На Крстовден се слави крстот како символ на победата над светската суета, симбол на смирениот бунт на внатрешниот човек.
Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.
За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.
На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло.
Некои верници на овој ден јадат само леб и грозје.
Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје . Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.
Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан…