„Комуналец“ гради Еко Остров на спојот на улицата „Моша Пијаде“ со „11 Октомври“
Согласно програмата за зголемување на јавната чистота во градот, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ гради еко остров кај детското игралиште на спојот на улицата „Моша Пијаде“ со „11 Октомври“. Бетонскиот фундамент е веќе поставен и се градат ѕидовите, а ќе има и покрив. На островот ќе бидат поставени три контејнери со капацитет од 1,1 метри кубни. Поради еко островот, влезот во детското игралиште ќе биде сменет, во него ќе се влегува од улицата „11 октомври“.
Според Бранко Ѓоргиев раководител на работната единица „Чистота“ овој еко остров се гради заради превентивни мерки, односно, да се спречи расфрлањето на отпадот од контејнерите од страна на животни, како кучиња и мачки, а перспективно на истите ќе бидат поставени контејнери во кои ќе се врши селекција на отпадот.
Досега направени се вкупно седум еко острови и тоа три на улицата „Маршал Тито“ по еден на улиците „Јанко Цветинов“ и „Невена Стојкова“ и два во малиот градски парк.
Според планот, еко острови ќе се градат и на улиците „Ристо Ќурчиев“ и „Ѓорѓи Василев“, односно, на места каде има колективни станбени згради.