Колумна- Специјален Јавен Обвинител за специјална држава
Актерот Владо Јовановски секогаш ја завршува емисијата „Мојата чудесна земја“ со фразата “ах таа моја чудесна земја“. Токму така, богами е чудесна оваа земја, се е некако специјално, необично, различно, ама никако да биде нормално. Денеска кога државата се наоѓа во една од најголемите политички кризи, нашиот јавен обвинител Зврлевски, ја отвори Пандорина кутија со една одлично темпирана изјава, дека Специјалното јавно обвинителство е “политичко обвинителство”. Па така лесно и едноставно не поведе на патување во земјата на чудата.
Катица во земјата на чудата
Во земја во која ниту судството, ниту било која друга институција нормално функционира, за да се реши било што потребно е да се допре дното, па некоја странска амбасада да реагира и дури тогаш да се формира некое специјално тело за да се реши проблемот. По оваа формула, решивме по договорот од “Пржино’“ да формираме Специјално јавно обвинителство. Се беше договорено, потпишано и парафирано од ЕУ и САД, СЈО беше одбран за краток временски рок, законот донесен и за момент се појави трошка надеж дека работите ќе тргнат. Токму тогаш Катица тргна на своето патување низ земјата на чудата и одбра четиринаесет првоборци, од кои дури седум паднаа во Советот на обвинители. Катица требаше да има одврзани раце, да одбере кого сака и да работи како сака, со колку буџет сака, арно ама есапот дома и на пазар не е ист. ЕУ и САД веднаш го поздравија тимот, експертската јавност го оцени како добар, но Зврле наш не сака да биде сам во земјата на чудата, па успешно ја шиканираше Кате наша. Оддеднаш, кулата од карти почна да се распаѓа, тимот се уште не е комплетиран, а СЈО е уште само сон.
Зврлевски во земјата на чудата
Доколку некој од вас не се прашува зошто Зврлевски сè уште е Државен Јавен zvrleОбвинител, тогаш сте испуштиле неколку месеци вести и неколку сочни “бомби“ во кои тој отворено соработува со владата во прикривање криминал. Еве да ја прифатиме тезата дека “бомбите“ не се доказ во суд, тогаш по таа аналогија Зврле требаше барем од морални причини да си поднесе оставка. Секако, кога сте длабоко во лавиринтите на криминалот тешко се излегува, па Зврле оди по она “секој за себе“ и се обидува да спаси што се може. Импресивно е како во земјата на чудата, човекот кој е задолжен за покренување на обвиненија засновани на индиции, не најде за сходно да покрене ниту едно обвинение против власта, против новинарите како Миленко кои јасно користат говор на омраза, ама затоа пак одлучно забрани објавување на бомбите, поведе постапки против Заев и без “срам и перде“ тимот на СЈО го нарече „политички“. Можеби ко што во една од бомбите Гоца му вели на Ставре: „му се јавив на Зврле да ми среди некои случаи ама ми збореше у шифри, нишо не го разбрав“, тој си зборува во шифри ама ние не го разбираме. Е па тоа ти е во мојата чудесна земја.
Политичарите во земјата на чудата
Во Македонија често може да се чуе дека ваков народ, заслужува ваква власт. Не, никој не заслужува ваква влада, затоа што оваа држава му припаѓа на народот исто толку колку и на политичарите. Тука кај нас одамна заборавивме дека да и се служи на својата држава е должност, а не шанса за богатење. На пример, еден пратеник само за патни трошоци заработува 25,000 евра, во држава во која просечната плата е едвај 200 евра. Како да не доволно што како јавен службеник (зборот службеник означува личност што и служи на државата, а не обратно) додека сте на власт интензивно се богатите, туку кога ќе ве фатат „во небран бостан“ ќе создадете manikeniполитичка криза во која ќе ја држите целата држава како заложник за да не го изгубите тоа што незаконски сте го стекнале. Така полека ни самнува дека актуелнава влада не донесе до тоа дереџе да бидеме протекторат, да чекаме ЕУ и САД да не притиснат, за да ги решиме проблемите кои ги создадоа поединци, а заради кои 500 илјади македонци својот леб го вадат надвор од земјава. Од нигде негде ќе се појави Љубчо и ќе побара амнестија за политичкиот криминал, кој еве сега сите признаваме дека го има, ама да се гони економскиот криминал за кој уште само неколкумина негираат дека го имало. Си мислам вака можеби и треба да го послушаме Љубчо и да направиме размена на население, да ги иселиме сите политичари и да ги вратиме оние 500.000 работници, академски граѓани и чесни луѓе што заминаа.
Медиуми во земјата на чудата
Да беше Гебелс денес жив, најверојатно ќе беше запрепастен од медиумската машинерија на ВМРО. Нашите медиуми очигледно, одамна не го прочитале новинарскиот кодекс за фер и непристрасно известување.Четирите национални телевизии МТВ, Сител, Алфа и Канал 5, пласираат исти прилози по различен редослед, нивните уредници се само фигури, кои се тука за да им биде порачан прилог баш како келнери во локалната биртија. Националниот јавен сервис одамна Klucni-naodi-vo-TV-industrijata-660×330не е јавен, туку партиски, со очигледен недостаток на лектори за што сведочат барем 1.000 фотографии од нивните гафови на социјалните мрежи, а како да тоа не е доволно, објавувањето на вести за неприкосновеното македонско лидерство во секоја област одамна престана да биде смешно и сега е целосно трагично. Препоставката е дека во земјата на чудата и слепите, медиумскиот мрак е благослов.
Една стара македонска вели: „секое чудо за три дена“, но во земјата на чудата ниедно чудо не трае три дена, трае со години. Ако Алиса мисли дека била во земјата на чудата, тогаш сигурно е во заблуда затоа што сè уште не била во Македонија. Во земја во која младите масовно се иселуваат, главната дебата е фокусирана на тоа дали ќе гласаат 1.600 гласачи од дијаспората, колку што гласаа на претходните избори и колку пратенички места ќе добијат.Во земјата од два милиона во која веќе 20 години има повеќе од 40% невработеност, во девет години на власт ВМРО вработи од прилика околу седум милиони луѓе. Во земја во која премиерот бара екстерно тестирање за учениците затоа што немаат доволно знаење, тој самиот ги меша веќе напишаните бројки и проценти, а министерот за образование не го знае бројот на елементите во периодичниот систем, иако завршил хемиски факултет. Во оваа земја оние што се највиновни за тоа каде сме, се токму оние кои најмногу се борат да останеме во овој ќорсокак. Навистина, Владо има право, ех моја чудесна земјо.
Автор- РИСТО ЃОРГИЕВ
https://ristogjorgjiev.wordpress.com/2015/10/21