Колумна- И би избори
И би избори
Бог рекол: „шест дена работи на седмиот одмарај, на осмиот бетонирај избори“. Може и не рекол така, ама нам од штаб така ни кажаа. Не поминува ден во кој не бетонираме избори, најпрвин ги бетониравме на 24 Април, па ги бетониравме на 5 Јуни, а како тргнало ќе ги бетонираме барем уште неколку пати.
Но, да не заборавиме да му заблагодариме на Бога, што ни го испрати божјото чедо Никола Груевски, да не избави од лукавиот Зоран Заев. Никола наш, скромен син божји, кој живее аскетски живот хранејќи се на трошки од 5%, носи наочари од Бит Пазар што чинат скромни 100.000 евра, додека се вози во парталав мерцедес од 600.000 евра. Искрен, побожен патриот, кому лукавиот З.З му подметна – лепени, сечени и монтирани разговори дека крадел, прикривал убиства, нарачувал рушење објекти, местел судски процеси. Но нема да му пројде на предавникот ЗаЈев. Македонскиот народ знае да процени дека нови бетонирани избори ќе ни донесат уште подобар живот, оти божјиот емисар ќе има уште четири години да ја спроведува волјата божја.
И би мајмуни
ДИК објави дека Македонија има 2.464.266 жители, 1.958.844 полнолетни и 505.422 малолетни. Според пописот во 2002 година во Македонија имало 2.022.547 жители. Населението во Македонија пораснало за 441.719 жители во последните 14 години. Пресреќен сум што Македонија има така огромен наталитет, ме чуди само каде се тие луѓе? На пример, majmunучебната 2000 година основното училиште „Сандо Масев“ имаше 5 класа со просечно 34 ученика. Учебната 2016 истото тоа училиште има 5 класа со просечно 22 ученика. На природен прираст од 441.719 жители, има 60 ученика помалку во генерација. Да не заборавиме зборуваме за општина Струмица, каде што се уште има каков таков наталитет.
Истиот тој ден владата објави дека ЕЛЕМ ќе донира 14.000.000 евра за изградба на рајска градина во општина Аеродром. Во рајската градина ќе имало мајмуни. Да не ја трошиме владата да купува мајмуни нека не стави нас внатре, и така веќе со години прави мајмуни од нас.
И би реакции
#ШаренатаРеволуција со боја ја обои Триумфалната Порта. Реакциите на многу медиуми и граѓани со денови не стивнаа. „ Се уништува културно наследство“, „Се трошат народни пари да се санира портата“ „Хулигани, нека протестираат ама зошто мораат да уништуваат објекти“.
Драги загрижени медиуми и граѓани, Триумфалната Порта не чинеше нас граѓаните 4,4 милиони евра, народни пари. Во Македонија просечна плата е 200 евра, во превод 22 000 месечни плати беа потрошени на стиропор. Навистина ми е мило, што тоа воопшто не ви смета. Не ви смета дека за тие пари 208 пати можевме да го спасиме животот на малата Тамара. Не ви смета ни тоа што многу поважни спомен куќи и обележја се оставени на забот на времето. Но многу ви смета што стиропор стар 4 години, обоен со обична бела боја е извалкан. Не ви смета ни тоа што Никола Груевски му сруши легално изградениот објект на бизнисмен која сака да вработи луѓе, само затоа што немаат исто политичко убедување. Тоа не ви е хулиганство а?
imagesНавистина е импресивно како македонецот како на шведска маса може да одбере што му смета, а што не. Навистина е жално што многумина од тие што реагираат за портата, не собраа храброст да реагираат кога почина Тамара, Мартин или девојчето што беше прегазено во центарот на Скопје со 160км на час. Баш до таму сме дојдени, што стиропор ви е поважен од човечки живот.
И би понуда
Би сакал тука да му предложам на претседателот Обама можност да ја спаси ЦИА. Да му го дадеме ние нашиот шеф на тајната служба, за да си го замени неговиот. Очигледно на ЦИА и е потребен неодложен ремонт. Шефот на нивната служба не може веќе 2 години да го собори Никола Груевски од власт. Шефот на нашата не само што не дозволи ни е еден граѓанин да биде прислушкуван, туку и успешно ги одбива нападите за разнебитување на Македонија од неколку странски служби, вклучително и ЦИА. Подобар кандидат Обама никогаш нема да најде.
И би преговори
Вчера се сретнаа лидерите на политичките партии за повторно да преговараат. Заев се насмеал, и цел ден читавме зошто тоа било така. Ако Бранко гледа, тогаш доброволно нека му го предаде медалот за најсатанизиран политичар на
Доколку некој се надева дека овие преговори ќе донесат нешто за доброто на Македонија, веднаш убијте ја таа надеж. За жал и по Пржино ќе биде Пржино. Очигледно е дека СДСМ не знае да преговара онака како што треба. Формирањета на СЈО беше одличен чекор, но не формирање на специјален суд, капитална грешка. Неставањето на тие две институции во Уставот уште поголема. Секој ден се повеќе мислам дека на сите политичари им одговара Македонија да биде во постојана криза.
За на крај можам да кажам само едно „и да би избори“ во Македонија ништо нема да се промени. Политичарите се аболицирани, системот гнил. Македонија нема попис на население 14 години, има непрочистен избирачки список, 6 неефикасни изборни единици и партизиран државен апарат. Пред Македонија стојат барем шест дена работа пред да дојде седмиот ден за демократска, слободна и перспективна држава. Штета што не би работа на тоа.