Кикириките го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар
Кикириките го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар, поради што стручњаците советуваат дека треба да се внесат во прехраната, но умерено.
Тие можат да станат важно оружје во борбата против срцевиот удар, покажуваат резултатите од едно истражување. Грицкањето кикирики или јадењето масло од кикирики најмалку пет пати неделно може дури да го преполови ризикот од срцев удар. Откриено е дека тие го намалуваат холестеролот, спречуваат воспаленија и ја подобруваат состојбата на крвните клетки околу срцето.
Во период од 22 години, научниците од Харвард набљудувале 6 илјади жени со дијабетес тип 2, кој го зголемува ризикот за срцев и мозочен удар. Овие жени имале посебен режим на исхрана, а секои две до четири години пополнувале прашалници за начинот на исхраната.
Кога научниците ги споредија резултатите, открија дека жените кои јаделе кикирики биле позаштитени од срцев и мозочен удар. Вистинското изненадување е што ризикот е намален за дури 44%.