ЈП „Паркиралишта Струмица“ донираше маси и столчиња во градинката „Детска радост
Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ денеска донираше маси, столчиња и играчки за децата од тригодишна возраст во клонот 6 на градинката „Детска радост“. Верица Узунова, директор на претпријатието, рече дека на овој начин ја потврдуваат својата одговорност кон општеството.
-Сакам да потенцирам дека Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ ќе донира два пати годишно, а целта е парите од граѓаните повторно да ги враќаме кај граѓаните, односно, сите оние кои ја користат услугата паркирање во градското подрачје и со наплаќање на истата ги возвраќаат кај своите најмили дел од приходите кои Јавното претпријатие ги инкасира во сопствената каса. Донацијата ќе изнесува еден процент од вкупните приходи остварени преку зонското паркирање, рече Узунова.
Донираните маси и столчиња се сместени во една од двете преадаптирани простории во кои на предлог на градоначалникот Зоран Заев и раководството на градинката „Детска радост“, се создадени соодветни услови за згрижување и воспитување на децата и задоволени барањата на родителите за престој на нивните деца во клонот 6.