Јавна расправа по предлог Стратегијата за локален економски развој
Денеска во домот на АРМ се одржа јавна расправа по предлог Стратегијата за локален економски развој на општина Струмица за периодот 2016 – 2020 година. Целта на расправата беше консултација со граѓаните, бизнис секторот и сите релевантни актери во локалната заедница заради конечно дефинирање на Стратегијата. Истата финансиски е поддржана од УСАИД – ЈЕС мрежата за стекнување вештини при вработување.
-Стратегијата се подготвуваше во еден подолг временски период и тоа на еден партиципативен начин кој траеше околу 7 месеци и во работната група која што ја изготвуваше беа вклучени сите одговорни лица, односно, раководители на сектори и одделенија во Општината, членовите на Локалниот Економско Социјален Совет, претставници на јавните претпријатија, бизнис секторот и на невладиниот сектор. Самата стратегија се темели на 5 клучни столба и тоа економија и инвестиции, земјоделие и рурален развој, животна средина и енергетска ефикасност, инфраструктура и урбанистичко планирање и развој на работна сила. Стратегијата целосно е разработена во пет специфични развојни цели кои што ќе се имплементираат во рамките на повеќе посебни стратешки цели, односно, активности, и многу важно е да се напомене дека во рамките на таа стратегија инкорпориран е Акциски план согласно кој ќе се следи степенот на реализација на самата стратегија до 2020 година. Стратегијата за локален економски развој е од многу големо значење за Општината бидејќи со реализацијата на истата дефинитивно ќе придонесеме за подобрување на општественото живеење, односно на зајакнувањето на економскиот развој на Општината, рече Тони Милушев раководител на одделението за локален економски развој при општина Струмица.