Извештај за спроведено истражување за причините за иселување на младите од општина Струмица
Центарот на заедницата на општина Струмица (ЦЗ Струмица) во периодот ноември – декември 2015 година спроведе истражување на тема „Младите и миграцијата“, кое е дел од концептот „Општина по мерка на граѓаните“, кој Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ) го реализира во партнерство со Општина Струмица. Главна цел на ова истражување е да се соберат прецизни податоци за причините за миграцијата на младите од Струмица. Конкретно, истражувањето ќе помогне да се идентификуваат и на јавноста да и’ бидат презентирани причините за миграцијата на младите надвор од струмичкиот регион кон главниот град Скопје и емиграција во други држави, како и миграцијата внатре во самиот регион, во релација село – град. Цел на ова истражување е и подигање на свеста на локалната заедница за значењето на проблематиката на миграцијата и влијанието на моменталните миграциони тенденции на целиот регион.
Истражувањето опфати вкупно 257 испитаници на возраст од 15 до над 60 години кои живеат на територијата на општина Струмица, како и интервјуа со млади на возраст од 15 до 30 години и интервјуа со претседатели на урбани и месни заедници на општина Струмица.
Сумарно, резултатите покажуваат дека, сепак, миграцијата и емиграцијата на младите е проблем во општина Струмица. Неспорно дека тоа е проблем не само на општина Струмица, туку и на цела држава и трендот на иселување на млади не ја заобиколува ниту една општина, колку и, конкретно, Општина Струмица да нуди политики за млади во рамките на своите надлежности. Во тој контекст, 61% од испитаниците се задоволни од животот на младите во општина Струмица, а сепак загрижувачки73,5% иднината на младите ја гледаат во друга држава, а 67,3% се подготвени да ја напуштат земјата за подобар живот и егзистенција во друга европска земја. Нешто помал процент од испитаниците (59,3%), пак, се подготвени да ја напуштат земјата за започнување или довршување на студиите во странство.
Во насока на кристализирање на она кое општина Струмица го нуди за младите и какви промени се потребни за да се подобри нивниот живот, испитаниците сметаат дека општина Струмица може да сепофали со културно забавниот живот кој го нуди за младите, местата за спорт и рекреација и квалитетното средно образование. Што се однесува до промените кои се потребни за да се подобри животот на младите во општината, дефинитивно најголем процент, дури 84%, сметаат дека е потребно отворање на нови работни места со поволни плати за егзистенција на младите. Ова како промена апсолутно е потребно на ниво на цела држава и неизбежни се ваквите добиени резултати и на подрачјето на општина Струмица, кое не е заобиколено од трендот на зголемување на невработеноста, кој придонесува до иселување на младите. Во однос на она кое како надлежност Општината може повеќе да интервенира и да воведува промени и реформи во нејзините политики, таа треба да размислува во насока на отворање на кино и други установи од забавен карактер, стипендирање на студенти од страна на Општината, како и зголемување на буџетските средства за млади.
Испитаниците главните причини кои ги наведуваат заради иселување на младите се ниските примања, односно ниските плати, невработеност и нискиот стандард. Како одговорна институција за иселување на младите, дефинитивно испитаниците ја сметаат Владата на РМ (90% од испитаниците).
Целосниот Извештај со добиените резултати, заклучоците и препораките, може да го преземете од следниот линк: Истражување за причините за миграција на младите од опш. Струмица.