ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ- ЗНАЧАЕН ДЕЛ ОД ОДРЖЛИВИОТ РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ
Општините играат значајна улога во промоција на енергетската ефикасност преку развивање и имплементирање на стратегии кои ја подобруваат енергетската ефикасност во објектите и активностите кои се во нивна надлежност (административни згради, училишта, градинки, улично осветлување итн.). На тој начин, покрај финансиски заштеди, обезбедуваат одржлив развој и намалување на влијанието врз животната средина. Преку своите примери, тие можат да бидат предводници во подобрувањето на енергетската ефикасност, давајќи им поттик и мотивирајќи ги приватниот сектор и другите засегнати страни да го следат примерот.
Ова беше речено на работилницата за претставување на резултатите од проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Светска банка и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Струмица.
“Можностите за енергетски заштеди, како и повеќедимензионалните придобивки за општините се многу големи. Со општините кои учествуваа во проектот се работеше да се идентификуваат можности и да се спроведат мерки за енергетска ефикасност преку изработка на општинските акциони планови за енергетска ефикасност. Следствено, резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори“, изјави Беким Имери, претставник од Канцеларијата на Светска банка во Скопје, и додаде: “Светска банка преку Проектот за подобрување на општинските услуги обезбеди поддршка за инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност во јавните згради на општините. На пример, како резултат на таа инвестиција, во општина Богданци во периодот 2012-2014 потрошувачката на kWh енергија е помала за 38% од периодот 2008-2009. Иста така, намалени се трошоците за одржување, при што бројот на светилки во јавните површини е зголемен.“
Во изминатите 18 месеци, преку грант финансиран од Светска банка, 8 општини во Република Македонија (Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман) добија техничка поддршка за изработка на различни документи кои се важни за енергетска ефикасност на општината (програми, акциски планови, пред-физибилити студии итн.). Искуствата од тој процес, како и предизвиците со кои се соочиле ќе имаат можност да ги споделат на 8 вакви работилници, кои ќе се одржат во секој од планските региони.
Во рамки на проектот подготвен е и прирачник кој чекор по чекор треба да ги води одговорните низ процесот на создавање ефикасна и остварлива програма за енергетска ефикасност и нејзина имплементација.