„Еко-градинки за одржлива иднина“ меѓу Струмица и Ќустендил
Се промовираа резултатите од проектот „Еко-градинки за одржлива иднина“ меѓу Струмица и Ќустендил
Во рамките на реализацијата на проектот „Еко-градинки за одржлива иднина“, финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија 2014-2020, денеска, во Домот на АРМ во Струмица, се одржа завршна прес-конференција на кој беа промовирани постигнатите проектни резултати. На конференцијата присуствуваа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов, Светослава Макенџиева, раководител на Дирекцијата за здравство, социјални работи и станбени прашања при општина Ќустендил, градоначалници, директори на воспитно-образовни институции и гости од Република Бугарија. Во своето обраќање, градоначалникот Јаневски потенцираше дека со овој успешно завршен проект, општина Струмица даде нова потврда за сериозниот и професионален однос кој што го има во поглед на искористувањето на европските фондови.
-Реконструираната Детска градинка во градскиот парк во Струмица, поставените соларни системи за загревање на топла вода и енергетски ефикасното осветлување во три детски градинки во Струмица, изготвениот прирачник за еколошко образование на децата од детските градинки од Струмица и Ќустендил, набавената опрема за создавање на училници за еколошко образование на деца и многу други успешно реализирани активности се всушност показ на резултатите од проектот ,,Еко-градинки за одржлива иднина“, што успешно е спроведен од страна на проектните партнери од Струмица и Ќустендил, Република Бугарија. Станува збор за проект финансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички во рамките на Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија 2014-2020. Вкупниот буџет изнесува околу 400.000 евра, подеднакво распределен меѓу двата проектни партнера. Ако кон претходно споменатите реализирани активности го додадеме и целокупниот сет на спроведени активности за подобрување на еколошкото образование на деца од предучилишна возраст, како и спроведените обуки и работилници за јакнење на капацитетите на воспитно-образовниот персонал од детските градинки, тогаш севкупниот заклучок би бил дека станува збор за издржан, повеќе од неопходен и одлично спроведен проект. Имајќи превид дека најмладите жители на Струмица и Ќустендил ја овозможија соработката меѓу двете општини, а притоа водејќи се и од позитивните впечатоци на сите чинители кои директно или индиректно беа инволвирани во процесот на реализација на самиот проект, посакувам реализација на уште многу вакви проекти за доброто на општина Струмица и нејзините граѓани, но и за негување и унапредување на прекуграничната соработка во овој дел од Балканот, рече Јаневски.
На завршната прес – конференција беше потпишан Меморандум за соработка меѓу градинките „Детска радост“ од Струмица и „Први јуни“ од Ќустендил, а потоа во детската градинка во градскиот парк се одржи завршен настан за проектот на тема „Еко-забава за деца“.