Доделени наградите на „АСТЕРФЕСТ“.
Синоќа на големата сцена на НУЦК „Антон Панов“ беа обелоденети имињата на наградените филмови и автори на 12. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“.
Наградата „Златна потковица“ ја освои филмот „Соседот од горниот кат“ на Поја Бадкобех (Иран), „Сребрена потковица“ доби филмот „Осветлена темнина“ на Арсим Фазлија (Македонија), филмот „Пелтек“ на Бенџамин Клири (Ирска) беше награден со „Бронзена потковица“. Наградата „Старозлатен проектор“ ја доби Жарко Иванов (Македонија) за анимираниот филм „Кружно патување на Марето“, авторската награда „Ацо Алексов“ му припадна на Лукас Бергер за филмот „Циркус Дебре Беран“ (Португалија,Германија), а наградата за сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ ја освои Филип Сотниченко (Украина) за филмот „Син“. Најдобар краток игран филм е „Никулец“ (Белгија,Франција) на Барни Фрајдман, а најдобар анимиран филм е „Приказна на мечето“ на Габриела Осорио Варгас (Чиле).
Специјални дипломи добија филмовите: „Опсег на можности“ на Кристина Пичи (Канада,Шведска,Италија), „Сипаници“ на Фулвио Рисулео (Италија) и анимираните филмови „Цртежи на карпи“ на Енрико Диего (Шпанија) и „Маѓепсаниот Гучо“ на Дариа Копиец (Полска). Во категоријата „Мувиленд“ која ја претстави израелската кинематографија, наградата ја доби филмот „Мили Боже“ на авторите Ерез Тадмур и Гај Натив.
Фестивалот, кој и годинава беше финансиски поддржан од Општина Струмица завршува денес со проекциите на филмовите „Жед“ и „Тувалу“.