Денес е Свети Симеон Столпник – Црковна Нова година
Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на преподобниот Симеон Столпник кој умрел на 1 септември 460 година на 103 годишна возраст.
Житието на преподобниот Симеон Столпник сведочи дека е роден во 357 година, во една погранична област меѓу Сирија и Каликија во Мала Азија. Потекнувал од селско семејство, од бедни и неуки родители но чесни христијани. Детските години ги поминал како овчарче чувајќи туѓи стада. На 18 годишна возраст се замонашил. Сакајќи што повеќе да се доближи до Бога изградил висок столб на кој минал подолго време во пост и молитви поради што е наречен Столпник. За тоа време кај столбот два пати доаѓала мајка му и го молела да слезе за да се видат, но тој сметал дека не треба да ја прекинува молитвата и не слегувал. Во близината на столбот се собирале луѓе кои ги слушале неговите молитви и присуствувале на чудата што се случувале по молитвите (лекување болни и сл.), така што тој уште за време на животот бил сметан за светец. Под столбот на кој тој престојувал доаѓале и многумина пагани кои ги слушале неговите емотивни беседи за Света Тројца, за Господ Исус Христос, пред неговите очи ги кршеле своите идоли и ја прифаќале христијанската вера. Особено се истакнал во разобличувањето на разните ереси кои се појавувале во тоа време.
Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување што е проследено со посебни обичаи и верувања. Иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и некои заеднички елементи, а тоа е пеењето на семето во црквата од страна на свештеникот, разните магиски заштити за богат род и чисто жито и сл.