Денес е Духовден, 50-от ден од Христовото воскресение
Духовден или Дуовден — еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница и е еден од најрадосните и најсветли празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.
Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на месијата го назначува токму крштевањето преку светиот дух, односно негово излевање врз човештвото. Иако духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден тој се покажува во својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на светиот дух, тој е оној кој го собира божјиот народ во телото Христово, односно црквата.
Овој празник како и Велигден се празнува три дена. Во црногорското и хрватското приморје овие денови се нарекуваат и Русаље или Русаљи, а во Македонија и кај останатите Јужни Словени со православна вероисповед првиот ден од Духовден е и ден на Св. Троица.
На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.
На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Задолжително е носење на цреши во земјани садиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.
Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден,секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во глуво доба, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.