Чекајќи го гоДО(кторот)
АВТОР-
„Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Претставата e напишана во далечната 1953 година, a сепак е прецизен, детален, реален приказ на денешната состојба во македонското здравство. За жал, ние го немаме тој луксуз, претставата на Тодоров да ја гледаме во театар, туку мораме да ја живееме секојдневно.
Дејството во оваа драма започнува кога нараторот открива дека има здравствен проблем. Решението би требало да биде едноставно, но во државата Македонија ништо не е така едноставно.
Ден 1. Приказната почнува со посета докторка која е семејна пријателка, да ми помогне побрзо да стигна до Хируршкото одделение, кај докторот кој би требало да ме прегледа и да каже кои дали ќе има потреба од операција. Пред амбулантата чекаат барем 10 луѓе со лут израз на лицето, чекајќи го докторот кој никој не знае каде е веќе четириесетина минути. По нeговото доаѓањe настaнува тотален хаос, за тоа кој има закажано термин, кој нема и кој требаше да биде нареден за преглед. “Врските“ тука завршуваат работа, па на преглед кај докторот сме за 15 минути. Дијагнозата е, ќе мора да се оперира, по прашањето дали ќе може приватно да си платам, бидејќи не сум осигуреник во ФЗО, докторот инсистира да си ги „средам“ тие работи и да се вратам.
Ден.2 ФЗО за секое чудо е место каде лесно се завршува работа, осигурувањето ми е „активирано“. Според зборовите на референтката за здравствената картичка ќе си почекам година време, во меѓувреме сините картони ќе вршат работа. Оттаму директно до матичен лекар за после неколку години и јас да добијам еден. Па упат и пак на чекање пред хируршката амбуланта. Таму не може да ме најдат во системот затоа што се уште не сум „активиран“ и така лесно уште еден ден е потрошен.
Ден 3. Денеска сум “активен“ од рано утро. Доаѓам кај сестрата на хируршко а таа ми вели: не си за кај мене, за кај анестезиологот си, ама не сега, не е тука ќе дојде некаде после пладне. Се враќам попладне, а таму петмина пред мене, оп! си викам брзо ќе биде работа, ах колку грешам. Саат и 45 минути подоцна еве ме мене кај анастезиологот, кој не може да напише упат затоа што кабелот од интернет конекцијата не работи во канцеларијата. Па одиме во друга канцеларија додека анестезиолог изнервирано мрмори дека учела да прегледува луѓе, а не да биде писар по цел ден. По еден час ги добивам трите упати за три различни одделенија, за да ги отпочнам подготовките за операцијата. Човекот заедно со мене во собата е видно изнервиран, се враќа вторпат денеска за нов упат, сега за Радовиш, затоа што струмичкото рендген одделение нема филм за сликање. Јас добивам совет да си ја пробам среќата на микробиолошко одделение, може добиле реагенси. Така лесно уште еден ден е изгубен.
Ден 4. Осум наутро, гладен и спремен за давање крв најпрвин на трансфузиологија, таму крводарителска акција и десеттина лути пациенти. Никој не е сигурен дали некој ќе дојде да зема крв денеска и кога. Девет часот, светлина на крајот од тунелот, сестра конечно доаѓа и јас среќно завршувам во десет часот. Оттаму, микробиологија, никој не чека на ред па веднаш сум известен од сестрата да не чекам ни јас: „Нема реагенси, оди на приватно или оди да ти го сменат упатот па види дали ќе ти завршат работа на биохемиско одделение“. Времето за давање крв за денес е завршено, повеќе среќа утре.
Ден 5. Денешниот ден почнува со успех, десната рака е резервирана за биохемиското одделение, а левата за приватната клиника, каде се плаќа 650 денари за микробиолошките тестови. Ништо не е лесно на државните клиники па ни подигнувањето на резултатите. Сестрата се жали: ве имаше повеќе од педесетина денеска. Требаше во 15 часот, но резултатите се конечно готови час подоцна и денешниов ден е потрошен.
Ден 6. Научената лекција од претходните денови ме носи кај анестезиолог околу 11 часот. Денеска ме прати среќа. Завршувам за пола час и сега сум спремен за операција, само уште да го најдам докторот и да закажам термин. Доктор ни Интерпол не го наоѓа, а камоли јас, па добрата вила сестра му се јавува и операцијата ми е закажа за наредниот ден. Ете така лесно се е можно. Вечерта сум во болнички кревет и се спремам за операцијата.
Ден 7. Операцијата трае помалку од еден час и брзо и успешно е завршена. Се е добро кога добро кога добро ќе заврши, само што оваа операција требаше да биде завршена за најмногу три дена, а не седум.
„Добрата страна“ на едно неделно патешествие е тоа што сум невработен, па можам во било која доба од денот да се туркам, буткам, расправам, да влегувам преку врски и во целина да денгубам, вршејќи административни работи. Морав да одам и вадам упати од различни места за испитување кое се правеше на три различни места, и кое ми одзеде два дена. Згора на се три пати морав да давам крв, па вените на двете раце ми изгледаа полоши од тие на зависник. Сега замислете како им е на луѓето кои се вработени и кои мораат да побараат слободен ден за да ги завршат сите процедури.
Македонското здравство не е траги-комедија, затоа што буквално нема ништо смешно во оваа ситуација. Докторите и сестрите се преморени и надразнети, лесно избувливи, често го напуштаат работното место и оддаваат впечаток дека не се заинтересирани. Двапати ги заведуваат работите еднаш електронски еднаш рачно. Компјутерите и опремата не заслужуваат ни епитетот застарени, а условите во болниците се катастрофални.
Пациентите не го разбираат концептот на Мој термин, никој не знае кога му дошол редот, закажаните термини не се почитуваат, а влегувањето преку „врски“ е секогаш во мода. Чекалните се лошо организирани, преполни, прегласни и потенцијални зони за пренесување на заразни болести.
Руинираноста е запрепастувачна. Нашето здравство има потреба од вистинска реформа и огромна финансиска инфузија и тоа час поскоро. Вистинските здравствени експерти, а не ти кои и служат на власта треба да седнат и да сковаат план како да се намали администрацијата, како да се исфрли двојното запишување информации. Еве пример се што ќе се внесе електронски може само да се испечати и архивира, а не и рачно да се внесува во дневник. Итно е потребно воведување ред во чекалните, со подобрување на системот на резервирање термин, негово целосно почитување, искоренување на влегување преку ред и со врски, за кое одговорност треба да понесат и докторите и пациентите. Едукација на пациентите и инсистирање на почитување на редот значително ќе помогнат. Не прифатливо е да постои недостаток на филм или реагенси, лекови или други потребни материјали за нормално работење. Воведување на нормален, транспарентен, брз и сигурен систем на нарачки во кои потребните материјали ќе се набавуваат пред истите да бидат целосно искористени, може да биде креирано од само еден човек во добата на дигитализација, но таков систем не би овозможувал местење тендери. Создавање на систем во казните го имаат главниот збор е обично контра-продуктивни. Голем број на медицински персонал ја напушти земјава и се упати во „потопли краишта“. Воведување на систем на корекција и награда е она што ни треба и на подолг временски период, ќе создаде здравство во кое младите кадри кои ќе имаат мотив да напредуваат и да се надоградуваат. Владата би требало да земе мала пауза од споменици и да вложи во нови амбулантни возила и болници пред постоечките целосно да се распаднат.
Се додека апсурдот на релативизирање на здравството постои, сите ние залудно ќе го чекаме гоДо(кторот) надевајќи се на подобро.