„Роднокрајни поетски средби“ и промоција на „Јас, Квентин Скриблер
Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ на 27 декември 2015 година, недела, со почеток во 20:00 часот во прекрасниот простор на „Сцена 112“ ве поканува на осмите по ред „Роднокрајни поетски средби.
Покрај тоа ќе се случи и промоцијата на првата стихозбирка „Јас, Квентин Скриблер“ на Јосип Коцев.
Јосип Коцев е роден на 25.05.1985 во Скопје. Завршил правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во блог заедницата и на социјалните мрежи е познат како Quentin Scribbler, псевдоним под кој твори од 2008 година. „Јас, Квентин Скриблер“ е негова прва книга, која содржи најголем дел од поетското творештво создадено во периодот меѓу 2008 и 2014 година. Рецензенти на изданието се Игор Исаковски и проф. д-р Елизабета Шелева.
„Поезијата на Јосип Коцев со себе носи силна енергија, тоа е она што е метафизичко во песната, кога не ти е баш јасно зошто ти се стега грлото, но содржи и јасни и моќни поетски слики, дофатливи и објасниви за рационалниот ум.“ Ѓоко Здравески
Покрај стандардните роднокрајни поети и автори, на осмите по ред „Роднокрајни поетски средби“ со своја поезија ќе се претстават и Давор Крстевски и Иле Наумов од Куманово, поети познати на книжевната сцена во Македонија. За музичкото интермецо ќе се погрижат Тони Пецанов (бандонеон) и Виктор Галев (саксофон).
Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будна уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат. Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо. По успешно реализираните седум изданија на оваа манифестација, на сцената на роднокрајни поетски средби досега учество зедоа повеќе од педесет автори од Струмица, регионот и пошироко.
Со осмите „Роднокрајни поетски средби“ здружението „Контекст – Струмица“ и официјално ги завршува своите активности за оваа година.